Скопската елита на изложбата на Михаил Корубин- врвна уметност која ќе ве воодушеви
Пред многу пријатели и почитувачи на неговите дела, уметникот Михаил Корубин во Чифте амам во Скопје ја отвори изложбата „Визуелна артикулација“, во рамките на Скопско лето.
Тој на публиката ѝ се претстави со 13 големи платна кои ги насликал годинава како и со минијатурни графики арт токен, а самиот тој е иноватор на овој стил.
Никола Глигоров рече дека му е драго што Скопско лето догодина ќе слави јубилеј, 45 години.

Изложбата разбуди голем интерес кај скопјани. Уникатните дела на Корубин носат и впечатливи наслови: „Есенција“, „Тајна“, „Смелост“, „Слобода“, „Поглед“, „Копнеж“, „Будење“…Секој од гостите си го наоѓаше својот фаворит, а многумина се фотографираа пред сликите.
– Секојдневно гледаме по стотици ликови, но сепак ќе се појави некој лик што ќе ве изненади, натажи, воодушеви или насмее. Фасцинантно е колку сме генетски исти, а сепак толку различни. Нос, уста, очи, веѓи – вели Корубин за своите дела.

На изложбата, во друштво на својата мајка Светлана која дојде од Битола, беше сопругата на Корубин, поп-ѕвездата Каролина Гочева.

Дел од гостите беа музичарот Слаткаристика со сопругата Сања Николиќ, поп-ѕвездата Тамара Тодевска со децата, диџејот Зоки Бејбе, моделот Катарина Ивановска, актерката Амернис Нокшиќи, сопственикот на „Авалон продукција“ Бобан Милошески, семејството на Михаил Корубин и пријатели од светот на уметноста.


Михаил Корубин е роден во Скопје во 1986 година. Тој е третата генерација визуелни уметници во неговото семејство. Син е на Рубенс и Лиле Корубин, а внук на Миле Корубин. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, а магистрирал сликарство на истиот факултет во класата на професор Благоја Маневски.