Скопска Апелација најавува пресуда за случајот „Транспортер“ и Владимир Талески

Она што особено ја иритира јавноста и се реагира на социјалните мрежи е што Талески, и по две години во куќен притвор, зема плата од Битолскиот народен театар каде е вработен како глумец, а му тече и стажот до пензија.


Скопскиот апелационен суд најавува скорешна пресуда за случајот „Транспортер“ со бесплатниот школски превоз во Битола, во кој на 8 години затвор е осуден екс градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Цели две години, од 31 март 2020 година, Талески е во куќен притвор во семејниот стан во Битола, чека пресуда и за цело време прима плата од Битолскиот народен театар каде е вработен како глумец. Всушност, корона кризата го одложи спроведувањето во Шутка на екс градоначалникот на Битола Талески, иако праксата е за повисоките казни од пет години осудените да бидат притворени во затворските установи, а не дома.

Во изјава за „Независен“, судијата Татјана Дуковска, одговорна за прашања во врска со предмети од кривичниот отсек вели дека се постапува по предметот и ќе се одлучи набрзо.

„Се работи на предметот, судот постапува, иако не можам да дадам точна временска рамка кога ќе биде, сепак би требало за скоро да се одлучи. Ова е обемен предмет со многу обвинети. Значи постапката е во тек, ќе биде, ќе се одлучи“, вели Дуковска за „Независен“.

За случајот „Транспортер“ на СЈО околу превозот на ученици поскап од оној во Токио, покрај Талески, на 6 ипол години затвор е осуден и поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, а со ефективни затворски казни (од 2 години и  два месеци до 3 години) се и најголем дел од превозниците кои го вршеле превозот. Единствено условни казни од 5 години да не го повторат делото добија директорите на школите во Битола кои беа дел од случајот со школскиот превоз. Ваквата пресуда на Основниот кривичен суд Скопје е обжалена на второстепениот суд во Скопје од дел од обвинетите.

Адвокатот Никола Главинче, кој е правен застапник на некои од обвинетите во „Транспортер“, потврдува дека судот одлучува по жалбите на обвинетите.

„Предметот е во Апелација на постапување по жалбите на странките. Сѐ уште нема одлука, исто како и претходниот период, вели адвокатот Главинче за „Независен“.

Она што особено ја иритира јавноста и се реагира на социјалните мрежи е што Талески, и по две години во куќен притвор, зема плата од Битолскиот народен театар каде е вработен како глумец, а му тече и стажот до пензија.

Директорот на БНТ Иван Јерчиќ, вели дека законот е дециден и се додека Талески не е осуден правосилно не можат да го тргнат од платниот список, затоа што тој не се огрешил во институцијата. Јерчиќ вели дека Талески е актер „првенец“ во театарот и не е тајна дека според систематизација зема плата од 52.000 денари месечно.
„Талески се води како вработен во театарот и зема плата зашто пресудата не е правосилна, а законот е јасен. Висината на платата на ‘првенец’ во театарот е информација од јавен карактер. Од друга страна не можеме да го бараме да работи затоа што е во куќен притвор“, вели Јерчиќ.

Битолската јавност сѐ уште со голем интерес го следи случајот „Транспортер“, особено поради фактот дека е инволвиран екс градоначалникот на Битола, Талески, кој беше поддржан од ВМРО-ДПМНЕ. И по две години се коментира дека превозот на Талески е „паркиран“ пред скопска Апелација, како и тоа дека како „тргнала работата“ не е исклучено Талески да биде прогласен за невин.

Случајот „Транспортер“ беше обелоденет на 14 април 2016 година кога Специјалното јавно обвинителство објави дека води нова истрага за превозот на ученици во Општина Битола, а во која еден од осомничените е тогашниот актуелен градоначалник на Битола, Владимир Талески. Според истрагата, Талески во договор со директори на основни и средни училишта од општината и повеќе превозници го оштетиле буџетот во износ од 360.000 евра за само две учебни години.

Она што остави силен печат за овој случај беа зборовите на обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи, која соопшти дека предметот е преземен од Основното јавно обвинителство – Битола и дека од прибраниот доказен материјал СЈО има сериозни уверувања дека Општина Битола преку нејзиниот градоначалник веројатно плаќал поскап превоз од оној  во Токио.

По пресудата на основниот суд Талески од дома ѝ се обрати на јавноста преку Фејсбук порака, па се пожали дека судењето било циркус, судството заробено, а дека тој не го признавал овој суд.