Скопје во магична светлина под свеќи – најава за концертниот спектакл во Филхармонија


Во пресрет на концертниот спектакл „Candlelight: Timeless“, кој ќе се одржи на 22 март во Македонската филхармонија, многубројните свеќи го осветлија Мостот на уметноста во срцето на Скопје, создавајќи магична атмосфера што го најави овој уникатен музички настан. Активацијата, која се одржа во четвртокот, привлече бројни минувачи и љубители на класичната музика, кои беа сведоци на несекојдневен визуелен спектакл. Видеото од оваа грандиозна најава го доловува амбиентот и возбудата кои владеат пред концертот што ќе внесе безвременска магија во концертната сала на Филхармонијата.

 

Виртуозот кој со нетрпение го очекува својот прв настап во Македонија, еден од најдобрите млади виолончелисти во светот, Петар Пејчиќ, за првпат ќе настапи пред македонската публика. Со својот исклучителен талент и меѓународни признанија, Пејчиќ е веќе значајно име на светската класична сцена, a веќе со години го привлекува светското внимание со својата виртуозност, музикалност, неверојатна техника, сценски изглед и харизматична изведба. Toj е награден на неколку престижни меѓународни натпревари, вклучувајќи го Вториот меѓународен натпревар на Кралицата Елизабета, и е дел од програмите на престижни академии и фондации. „Навистина сум возбуден што ќе настапам во Скопје за првпат! Ова ќе биде исклучителна вечер исполнета со неверојатна музика, емоции и посебна атмосфера. Со нетрпение очекувам да ја споделам сцената со врвниот камерен оркестар Профундис и да ја почувствувам енергијата на македонската публика“, изјави Пејчиќ. 

Овој концерт ќе понуди богат и внимателно одбран репертоар, кој ги обединува класичните ремек-дела со современи маестрални композиции. Посебен акцент е ставен на саундтракот од филмот „The Hours“, кој за првпат ќе биде изведен во Македонија.
Музиката на Филип Глас за овој филм е пример за минималистичката генијалност што носи длабока емоција и меланхолија. Неговата свита ги води слушателите низ слоеви на суптилна експресија, создавајќи атмосфера што остава длабок впечаток.
Давид Попер – Унгарска рапсодија оп. 68 Ова дело е вистински предизвик за секој виолончелист –виртуозноста и драматичните мелодии ја прават рапсодијата динамична и незаборавна.
П.И. Чајковски – Рококо варијации Инспирирани од класичниот стил на Моцарт, овие варијации се елегантна и виртуозна демонстрација на виолончелистичката уметност.
Концертот под свеќи „Candlelight: Timeless“ ветува музичка вечер исполнета со магија, емоции и врвна уметност. Влезниците се веќе во продажба преку мрежата на МКТикетс како и онлајн
Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски
инструменталисти од различни генерации. Во својата кратка, но богата историја, оркестарот имал настапи во престижни сали и на значајни фестивали, како „Kotor Art“, „Sofia Music Weeks“, „Sorrento Music Festival“ и „Ravanelius“ во Италија, Србија, Бугарија и Црна Гора, а неговите изведби во Македонија веќе се сметаат за културни настани од национално и меѓународно значење.