Скопје утрово пак меѓу најзагадените градови во светот
Скопје повторно се најде на листата најзагадени градови во светот. На високото седмо место со воздух кој е квлаификуван како „нездрав“, пред Скопје, од европските градови е само Сараево. Останатите места ги делат Пакиста, Бангладеш, Индија, Сенегал и Техеран.
Од Заводот за јавно здравство на Кантонот Сараево испратија препораки за носење специјални маски за лице со заштитни респираторни филтри. Од Заводот наведоа дека воздухот во сите делови на Сараево е оценет како многу загаден или исклучително загаден, што кај сите категории на население може да предизвика респираторни тегоби, а кај осетливата популација и нелекуваните хронични болни може сериозно да го влоши здравје.
Во Скопје се уште нема ниту препораки за граѓаните, ниту пак конкретни мерки против загадувањето.
Во меѓувреме, Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објави дека најмалку 239 илјади смртни случаи може да се препишат на изложеноста на ситните честички во воздухот.
Како што се посочува во најновата анализа за влијанието на квалитетот на воздухот врз човеково здравје, врз основа на бројките за 2022 година, 70.000 смртни случаи се припишуваат на загадувањето со озон, а 48.000 на загадувањето со азот диоксид.
Податоците потврдуваат дека жителите во Европа се изложение на поголеми концентрации на загадувачи на воздухот од препорачаните ниво според Светската здравствена организација (СЗО).
„Иако беа воспоставени построги правила во ЕУ за квалитетот на воздухот, сè уште премногу луѓе низ Европа, особено оние во градовите се негативно погодени од лошиот квалитет на воздухот што резултира со болести и предвремени смртни случаи, кои во голема мера може да се спречат преку намалување на нивоата на овие загадувачи во животната средина“, истакна директорката на ЕЕА, Леена Ила-Мононен.
Во извештајот на ЕЕА се посочува и дека во периодот од 2005 до 2022 година бројот на смртни случаи во ЕУ што се припишува на ситните честички е намален за 45 отсто.