Скопје треба да биде град за живеење, а не партиска каса за богатење, вели Шукова

Кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, вели дека на локалните избори главниот град мора да добие вистинска промена, затоа што Скопје е град за живеење, а не партиска каса за богатење.
На прес-конференција таа денес изјави: „Нашиот град никогаш не бил толку далеку од своите граѓани. Ова се случува секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ владее со градот. Тие го претвораат градот во свој партиски вилает за да ги спроведуваат партиските агенди. Го претворија Скопје во заложник на нивните расправии и интереси сега, а во следните четири години ќе го претворат во поле за лични и партиски профити.
Наместо да управуваат одговорно, го жртвуваа Скопје за да се пресметуваат со градоначалничката што прво ја поддржаа, а потоа ја отфрлија. Денес секој булевар, секоја улица, секое маало сведочи за нивниот неуспех. И тоа ние, скопјани, нема да го дозволиме повторно“.
Таа рече дека скопјани очекуваат градоначалник со визија и план, без лажни ветувања и хартиени мегапроекти.
„Додека Скопје се дави во урбанистички хаос, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, отворено го брани криминалното дивоградителство во Чаир. Наместо одговорност и решение, гледаме позирање со коалициските партнери од ВЛЕН – истите што го создадоа овој урбанистички хаос.
Иста е сликата и во Кисела Вода под водство на Ѓорѓиевски: сомнителни тендери, исчезнато зеленило, планови креирани за бизнис-елити, а не за граѓани“, рече Шукова.