Скопје станува шаховски центар викендов – 200 учесници од 8 земји учествуваат на меѓународниот Фестивал „Квалитет 2025”


На 23 мај, петок во Скопје почнува Меѓународниот младински шаховски турнир „КВАЛИТЕТ 2025”, во организација на Јахја Кемал колеџот и Шаховскиот клуб „Гамбит Асеко”. Турнирот се одржува осма година по ред, а годинава е поддржан и преку проектот „Ајде да играме шах“, дел од програмата Еразмус+.

Досега се пријавени околу 200 учесници од Казахстан, Молдавија, Грција, Бугарија, Србија, Турција и Македонија, а се очекуваат и натпреварувачи од Црна Гора. 

Пријавувањето завршува на 23 мај до 17:00 часот, по што ќе следи официјалното отворање на турнирот. Првиот круг ќе започне во петок во 18:00 часот.

Турнирот ќе се одвива во три возрасни категории:

* Под 8 години

* Под 10 години

* Отворена категорија до 20 години

Партиите од првите пет табли ќе бидат пренесувани во живо во реално време и ќе може да се следат на официјалниот канал chess.com.

Наградниот фонд изнесува 1.500 евра, со дополнителни стокови награди за најуспешните учесници.

Турнирот го предводи 17 годишниот ФИДЕ мајстор – Антон Златков, кој е учесник на првото издание на КВАЛИТЕТ во 2016 година.

Шаховскиот фестивал КВАЛИТЕТ прерасна во традиција и се одржува од 2016 година, со прекин во 2020 и 2021 година поради пандемијата. Оттогаш до денес, турнирот прерасна во еден од водечките младински шаховски настани во регионот.

Во сабота, во 14 часот при доделување на наградите на турнирот до 8 години ќе бидат промовирани првите анимирани цртани филмови за изучување на основните правила во шахот во рамки на проектот Еразмус + „Ајде да играме шах”.