Скопје пееше во еден глас со Калиопи (фото)
Речиси три часа емоции, врвна музика, хитови кои се вечни и новите кои допрва ќе станат, ни приреди поп-дивата Калиопи, викендов, за прв пат во „Борис Трајковски“ во Скопје. Публиката ја преполни салата, иако ние сме навикнати да ја гледаме и да ја слушаме на поинтимни места или под ѕвездено небо. Сепак, фановите, направија ѕвездено небо во салата, и повторно, овој пат, ѕидовите вибрираа од добра музика и позитивна енергија.
Тоа го може само милата Калиопи која беше во топ-форма и со гласот и со досетките, како прекрасен домаќин која се враќа во Скопје по повеќе од една деценија, во најдоброто издание досега. Ама лесно и на Опи да одржи незаборавен концерт, кога има врвен репертоар со брзи, заразни песни и балади кои се веќе евергрини во целиот регион. А нејзиното македонско музичко патешествие низ родната Македонија, со Скопје заврши. По концертите на Хераклеа и во Охрид. Го чекаше вистинското време за да ѝ го даде најдоброто од себе на Македонија. Сега е тоа време. А потоа на ред е регионална турнеја.
Калиопи кога пееше лебдеше на сцена, публиката во салата ја враќаше на земја и обратно. А таа, како врвен професионалец, која два пати се пресоблече на сцената, цупкаше како млада девојка, на високите потпетици, прво во долго здолниште од тул со кожена јакна, а потоа во црно-бел костум.
Гостин на концертот беше Мартин Маринковиќ Слаткар, а освен нивниот дует „Казна“, заедно ја отпеаја и неговата песна „Да полетам“. Освен него, на сцената дојде и Жељко Самарџиќ, со кого го има хитот „Znam“. На концертот му оддаде посебна чест и на нејзиниот поранешен сопруг и соработник Ромео Грил, кого го покани на сцената и заедно ја изведоа легендарната „Бато“ од која сите се ежат. Сите три концерти на Калиопи ги организираше продукција „Прагма“. (Л.С.)