Скопје нема да ги гаси светлата на булеварите и улиците
Град Скопје нема намера да гаси светилки на улиците и булеварите што се под негова надежност и покрај тоа што постои опасност од енергетска криза. Ова го изјави денеска градоначалничка Данела Арсовска, нагласувајќи дека безбедноста и сигурноста на граѓаните се најважни.
„Ќе направиме сѐ што е возможно, да се намалат трошоците за електрична енергија, меѓутоа не врз грбот на граѓаните и со тоа што ќе биде загрозена безбедноста и сигурноста на градските булевари и улици“, рече Арсовска на прес-конференција.
Таа нагласи дека Градот почнал процес за намалување на интензитетот на лед светлата на уличното осветлување и тоа до максимум 70 проценти од моќноста, што е дел од мерките за штедење. Ќе се приспособат системите за осветлување на одредени временски интервали, согласно соодветната потреба во текот на деноноќието, а се пристапува и кон етапна замена и користење на лед светилки, кои трошат за 85 проценти помалку електрична енергија од обичните светилки.
Секоја општина, нагласи Арсовска, си креира сопствени мерки за штедење, затоа што имаат автономија во своето одлучување, додека Градот Скопје, како што посочи, донел само краткорочни и долгорочни мерки кои што треба да придонесат за штедење на електрична енергија и преминување кон транзициони и обновливи извори на енергија.