Скопје, маглата и Водно – стари познаници (Галерија)
Кога ќе се спојат временските услови, топол воздух, студен воздух, кога ќе нема ни најмало ветренце, главниот град е окован во магла, како што тоа често се случува
Маглата што како капак го поклопила Скопје оваа недела не е нешто непознато за главниот град. Со децении и децении наназад било така. Главната причина е природната положба на Скопје во котлината во која се спушта маглата поради временските прилики, топол воздух, студен воздух, отсуство и на најмал ветер.
Кога пред неколку децении работеа најголемите индустриски капацитети, како МЗТ, ОХИС, Стакларницата, „Алумина“, „Треска“, најзагадувачките погони на Железара, маглата беше во неподнослив спој со загадувањето и студот, а Скопје со денови беше оковано во сињак. Само што тогаш немаше мерни инструменти и мерни станици да го гледаме ужасот од бројот на ПМ честичките.
И тогаш, како и сега, излезот на скопјани од магливата капа беше Водно. Кога ќе се искачевте речиси веднаш погоре над некогашниот култен хотел „Панорама“. Во вторникот фоторепортерот на „Независен“, Борис Грданоски, беше на Водно да ја слика белината што го прекрива Скопје, како и преполните одморалишта на патот, Средно Водно, жичарницата, врвот, релаксираните луѓе и деца кои дишеа со полни гради изложени за неочекувано топлото сонце за овој период на годината. Скопјани очекуваат да се остварат прогнозите на метеоролозите и маглата да се крене до крајот на неделава.
Еве ја фоторепортажа на нашиот Борис Грданоски.