Скопје ќе се украсува, а како ќе се знае следната седмица
Скопје ќе добие новогодишно украсување, но сѐ уште не се знае точно кога би почнало да се поставува. Според градоначалничката Данела Арсовска, постапките се веќе отпочнати и повеќе информации за јавноста најави од наредната седмица.
-За тогаш ќе имаме и информации и за новогодишната ноќ и за сето останато, рече денеска Арсовска на прес-конференција по примопредавањето на донацијата од шест еколошки автобуси.
Иако поголем број европски метрополи веќе се накитени, Скопје уште го чека новогодишното украсување. Лани подоцна се почна со украсувањето на главниот град, при што граѓаните не беа одушевени од изборот на градските власти. Некои дури и сметаа дека никогаш не било полошо и поневкусно. Тогаш граѓаните на социјалните мрежи со денови се постмеваа со новогодишното украсување на градот и со градските власти. Коментарите беа дека ланската поставена елка не може да се купи ниту на „Али експрес“, дека е туристичка атракција и голем број на туристи од цел свет веќе пристигаат во Скопје за да се сликаат со кривата елка.
Лани градот беше украсен на десет дена пред Нова година, а украсите од улиците почнаа да се вадат дури во март. Одговарајќи на критиките дека градот доцна беше украсен, минатата година Арсовска кажа дека во 2024 година ќе се накити уште во септември.
-Како ќе оправдаат после мандатот, кога ќе треба да платат 300.000 евра за украсување за Нова година? Над 2 милиони евра земале изминативе години. Сега по јавен повик, украсувањето чини 30.000 евра. Ние славиме Божиќ на 7 јануари, секоја година во исто време. Јас им ветувам на граѓаните дека следна година од 20 септември ќе почнеме да украсуваме, за да биде навремено и да не се чувствуваат дека не сме почнале на време – изјави градоначалничката во декември 2023 година.