Скопје како Виена: Валцерите на Штраус звучат „страсно“ и на летни горештини (фото)

Несекојдневен и уникатен настан кој го заслужува Скопје и неговата префинета публика, а на чија програма се учи помладата генерација на култура на однесување и живеење


Кралот на Валцерот, Јохан Штраус Втори, не е „резервиран“  само за почеток на една Нова година, со снег, скапи влезници, шампањско и елегантна сала со опоен мирис на цвеќиња. Валцерите, полките, маршот и ариите, го пренесуваат амбиентот од Виена, и во топла ноќ, покрај Кеј, со ладалки во рацете на публиката, со студена вода, под отворено небо, со бесплатен влез.

Скопје, синоќа, една вечер, беше дел од светот кој го чествуваше раѓањето на Јохан Штраус синот, со исклучителна програма од 17 композиции, препознатливи во јавноста, на кои се ужива и се аплаудира во ритам. Концертот „Од МОБ за Скопје“ започна со оперетата „Принц Метузалем“, а заврши два часа подоцна, со очекуваните „На убавиот син Дунав“ и Радецки марш како за Новогодишниот концерт во Златната сала на виенскиот Музикферајн. И бонус композиција, на радост на насобраниот народ, кој немаше влезници за седење, па стоеше зад зштитната ограда, преработка на народната  Јовано, Јованка, во изведба на бас-баритонот Иван Наумовски.

Гала концертот, во соработка со Австриската амбасада, и со присуство на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и претставници на дипломатскиот кор, синоќа, под диригентско водство  на маестро Винценц Праксмарер со оркестарота на Националната  опера и балет, и со настап  на сопранистката Бригита Симон, понуди вистинско патување низ романтиката и елеганцијата на виенската класика, пренесена со автентичност и страст, а задоволната публика ги награди изведувачите со бурен и долготраен аплауз. Директен пренос од гала концертот вршеше и МРТВ.

Несекојдневен и уникатен настан кој го заслужува Скопје и неговата префинета публика, а на чија програма се учи помладата генерација на култура на однесување и живеење .

 

Л. Сабит

Фото: Марко Угарковиќ, Оливер Настески