Скопје како Холивуд: Оскаровска филмска магија низ песни во МНТ
Некои ноќи не се забораваат, а оваа беше вистинска ноќ за паметење. Навистина уживавме

Во пресрет на 97. доделување на филмските награди „Оскар“, на 2 март во Лос Анџелес, Скопје синоќа, во МНТ, го почувствува оскаровскиот дух со дотерани гости и со гламурозната прослава на филмската магија со песни кои низ годините станаа големи светски хитови и се дел од историјата на седмата уметност.

Низ грижливо избраниот репертоар на најубавите филмски песни наградени со Оскар не водеше долгогодишниот коментатор на Оскаровскиот пренос, Миланка Рашиќ, а додека поп и оперски пејачи со врвна интерпретација ги изведуваа, на сцената течеа сцени од блокбастерите кои се длабоко врежани во нашите спомени, како Флешденс, Валкан танц, Армагедон, Телохранител, Волшебникот од Оз, Ѕвездата е родена, Бондовската „Златно око“, Дримгрлс, …
Овации и силни аплаузи добија изведувачите Наде Талевска, Ана Петановска, СветланаЈовановска (South Park), Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ Дексо, Јасна Димитровска заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect,
под диригентската палка на Владимир Димовски и Полифонија. Настапија танчари од танцовиот клуб „Dancers United“, како и балетската двојка Саша Евтимова и Ендрју Кук (Англија).
Некои ноќи не се забораваат, а оваа беше вистинска ноќ за паметење. Навистина уживавме. (Л.С.)
Фото: М. Угарковиќ