Скопје и денес без дел од приватните автобуси

И денеска не сообраќаат дел од приватните автобуси. Автобусите на „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45 повторно не возат поради немање пари за нафта затоа што ЈСП „Скопје“, односно Град Скопје, не им го исплатил долгот.
Граѓаните синоќа мрзнеа чекајќи автобуси на јавниот превоз во Скопје. Истовремено, градоначалничката Данела Арсовска, по неуспешната средба со „Слободен превоз“, една од компаниите која учествува во јавниот превоз во метрополота, порача дека незадоволството превозниците треба да го искажат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, бидејќи директорите кои тие ги поставувале го генерирале долгот.
Таа на прес-конференција вчера рече дека од 1 јуни 2022 година до овој момент исплатени се вкупно 111 милиони денари, од вкупно фактурирани 120 милиони денари обврски кон „Слободен превоз“. Кон „Мак експрес“ има фактурирани 44 милиони денари и како што вели, сите се платени.
„Ги повикувам претставниците на „Слобода превоз“ и на „Мак експрес“ овие протести коишто ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ чиишто директори го генерирале долгот којшто сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство, а исто така и на новото раководство на ЈСП кое ги решава проблемите и сите оние долгови коишто се изгенерирани во изминатите години“, порача Арсовска.
Таа исто така обвини дека ваквите состојби се политизираат и дека приватните превозници не го почитуваат договорот, што е потпишан со ЈСП на две години и оти не е исполнета обврската за усогласување на автобусите со еколошки стандарди, фискализирање на наплатата на билетите, навремено пристугнување на автобуските станици и одржување на хигиената на соодветно ниво.