Скопје е регионален центар на литературата: Се одржува „ПРО-ЗА Балкан“со врвни автори

Авторите Мирча Картареску, Јоана Николае, Анте Томиќ, Миљенко Јерговиќ, Оливера Ќорвезироска, и издавачите Гојко Божовиќ, Диана Матулиќ и Андреј Хочевар, се гости на Интернационалниот литературен фестивал кој се одржува на повеќе локации во Скопје
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ беше отворен синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје. Врвни автори од регионот, како и домашни автори се гости на фестивалот, кој ќе трае до 22 септември.

Лауреатот на наградата „Прозарт“ за авторски придонес на литературата на Балканот и најпреведуваниот современ романски автор, Мирча Картареску, е во друштво на романската писателка Јоана Николае, познатиот хрватски писател Анте Томиќ, најчитаниот автор во регионот Миљенко Јерговиќ и домашната писателка и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска, кои беа претставени синоќа, на првата фестивалска вечер.

Со нив разговара македонските писатели: Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски и Владимир Јанковски.
Гости на отворањето беа и тројца членови на програмата „Скопје фелоушип“ – српскиот поет, есеист, литературен критичар, уредник, издавачи потпретседател на српскиот ПЕН центар, Гојко Божовиќ, хрватската уредничка и основачка на литературната агенција „Корто“, Диана Матулиќ и словенечкиот литературен агент Андреј Хочевар од„Гога Паблишинг“. Фестивалот го отвори Дејан Трајкоски. Модератор е Александра Јуруковска.

Денес, на вториот фестивалски ден, во 13 часот во Europe HouseSkopje ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата во време на пост-вистината“, на која ќе учествуваат гостите писатели и членовите на Скопје fellowship програмата, а ќе ја модерира Владимир Јанковски. Поради ковид-протоколите, настанот е затворен за публика, но ќе биде овозможен пренос во живо преку фејсбук-страницата на фестивалот. Традиционално, фестивалот организира средба на членовите на оваа програма со претставници на Македонската асоцијација на издавачите и ќе имаат можност да воспостават идни соработки.

Вечерва во 20 часот,во Кинотека на Северна Македонија, ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ од сценаристот и писател Анте Томиќ, во режија на Рајко Грлиќ. Предвиден е разговор меѓу Томиќ, Јерговиќ и Прокопиев.
Фестивалот ќе биде затворен утре, 21 септември во Даут-пашиниот амам, со доделување на наградата „Прозарт“ и обраќање на лауреатот Мирча Картареску. Писателите ќе читаат извадоци од нивните дела, а ќе следи и експериментална звучна импресија од филмот на Грлиќ во изведба на Гоце Јованоски и Андреа Мирческа. Калин Терзиски ќе се претстави со видео читање на дел од неговото творештво на затворањето на фестивалот.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, на 22 септември во книжарницата „Буква“, Александар Прокопиев ќе го претстави Гојко Божовиќ и двајцата ќе говорат за еден од најголемите писатели од овие простори во втората половина на 20 век, Данило Киш и ќе го промовираат и македонскиот превод на книгата „Рани јадови“ од Киш.

Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е во организација на издавачката куќа „Прозарт медиа“, а е поддржан од ТРАДУКИ, Министерството за култура, Делегацијата на Европската Унија, Град Скопје, амбасадата на Романија, центарот „Спона“ и од Кинотеката.
