Скопје доби „мајка“, но стана сираче

Ако Градот со доаѓањето на нова власт ги прекинува проектите на претходниците, не може да се зборува за развој, туку за уривање и обид од темел да се гради нешто ново. Како ништо претходно да не постоело


Данела Арсовска е првата жена градоначалник на Град Скопје по прилепчанката Вера Ацева, која го предводела градот во 1948 година.

Скопје, по многу татковци, конечно доби мајка, која вети дека во првите 82 дена од мандатот, преку програмата за модерно Скопје, ќе спроведе 15+1 проекти.

Педесетина дена по локалните избори, Арсовска, која како независен кандидат, поддржана од повеќе опозициски партии, меѓу која и најголемата ВМРО-ДПМНЕ, седна на градоначалничката фотелја, се пофали со исчистени, според нејзините зборови, стотина депонии и тука завршува успешноста на 15-те проекти.

За наголемо најавуваниот проект за бесплатен јавен превоз на скопјани, жителите на главниот град ќе треба да почекаат најмалку две години, а ќе биде воведуван постепено за посебни категории граѓани. Ако се знае дека и до сега пензионерите бесплатно се возеа три дена во неделата, студентите и учениците девет месеци, тогаш решението на Арсовска не е ништо поразлично од нејзините претходници. За воведување пак, на градски сообраќајни линии до заборавените места, редовни ноќни линии, посебно за време на викендот, како и зачестени возила на фреквентните линии, скопјани ќе треба да почекаат до следната година.

Дегутантно е веќе да се спомне дека Арсовска експресно се откажа од „Бас рапид транзит“, проект на нејзиниот претходник за кој Градот доби кредит од 70 милиони евра од ЕБРД, а студиите изработени од експерти не ја убедија градската мајка дека нема да наштети на главната водоводна цевка, ниту дека ќе го намали зеленилото, ниту пак дека ќе го реши сообраќајниот метеж.

Аеродромци едвај го чекаа завршувањето на мостот „Михајло Апостолски“, оној на крајот од булеварот „АСНОМ“, да не мора да ја вртат цела населба за да стигнат до Гази Баба или до Центар, особено откако се изгради „Ист гејт мол“, но градската мајка им порача дека тој ќе им служел само за ловење риба, затоа што имало многу побарувања од нерешени имотно-правни односи на жителите од Ќерамидница каде треба да поминува булеварот до стариот Саем.

Од Арсовска нема одговор ни кога ќе биде прооден кејот на Вардар под мостот, кој поради неговата изградба подолго време е прекинат. Таа се откажа и од изградба на мостот на „Љубљанска“ во Карпош, кој требаше да биде готов за година и половина и да ги поврзе Општините Карпош, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир и Шуто Оризари. Парите за него беа обезбедени од програмата „ТАВ“.

Ако Градот со доаѓањето на нова власт ги прекинува проектите на претходниците, не може да се зборува за развој, туку за уривање и обид од темел да се гради нешто ново. На тој начин скопјани ќе живеат во вечно градилиште, а користа од проектите тешко дека ќе ја доживее, затоа што секогаш нешто ќе се запира за да почне друго ново, кое подоцна пак ќе биде запрено.

Претходните градоначалници на Скопје, колку и да беа идеолошки спротивставени, сепак ги завршуваа големите проекти на своите претходници, Трифун Костовски на Ристо Пенов, Коце Трајановски на Трифун Костовски, Петре Шилегов на Коце Трајановски.

Модерно Скопје, за кое се залагаше Арсовска за време на кампањата не може да се изгради од почеток, освен ако смената на власта, од градоначалник кој стигнал на функцијата со поддршка на својата партија, до независен градоначалник, поддржан од опозицијата, не се доживее како земјотрес (силен колку оној од 1963 година). Но, ваквата перцепција е погубна за градот, особено за неговите жители.

Еве, ќе оставиме да поминат уште триесетина дена до оние фамозни 82 за Арсовска да отвори телефонска линија за барања и помош на граѓаните; да формира зелен градски совет; Водно да го прогласи за парк-шума; да воведе 24-часовна канцелариска служба и служба за брза реакција на нивен повик; да ги врати одбројувачите на секундите и зелените бранови на семафорите; да обезбеди пристапни рампи за лицата со попреченост; да спроведе ветинг на директорите на јавни институции под градот и за раководителите на сектори; да ја ревидира проценката на данок на имот; да формира Совет за поддршка на жени претприемачи, да ги намали цените за паркинзите до 25 отсто; да изработи проекти за „заборавените населби“ во градот…

Во меѓувреме, Арсовска смени шест директори на јавни претпријатија, а дел од нив се наоѓаа на советнички листи во некои скопски општини од ВМРО-ДПМНЕ и партиите на нејзината коалиција. Сепак, за директори од поддржувачот на изборите Алтернатива како да нема место, иако Арсовска вели дека нема значење од која партија доаѓа директорот.

И сега, пред Нова година, менаџерските способности на Арсовска некако не ги гледаме. Градот почна да се украсува две недели пред Нова година. И тоа украсување оди по линија на донации, а не на трошок на градот, затоа што таа го раскина договорот со фирмата која требаше новогодишно да го украси градот, склучен од нејзиниот претходник. Подобро било парите да се донираат на оние кои им се најпотребни! Во ред, нека е и така. На градот му донираат украсување – скромно! Градот донира каде е најпотребно! Додека Скопје чмае во никаква новогодишна атмосфера, која, доколку постоеше ќе придонесеше за профит на околните кафулиња, занаетчии и продавници, ќе им овозможеше на децата и на возрасните да „подзаборават“ на корона-рестрикциите, другите градови секојдневно соопштуваат дека се украсени за новогодишните празници, па охриѓани со право ќе ги канат скопјани на прослава.

Ако достигнување е да се исчистат депонии (на секој градоначалник тоа му е прв чекор оти е најлесно), да се менаџираат донации, тогаш тешко на градот што добил мајка, а останал сираче.