Скопје – Будимпешта – Виена: Дали Мицкоски го одминал Груевски?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ деновиве патувал за Виена, преку Будимпешта, но не се сретнал со својот претходник на лидерската позиција во партијата, Никола Груевски, кој бегајќи од правдата во Македонија доби азил во Унгарија. По пат, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, бил следен од возило „бентли“, сопственост на братучед на премиерот Зоран Заев.
Со вакви информации излегоа вчера од ВМРО-ДПМНЕ, откако од СДСМ информираа за „транзитното патување“ на Мицкоски, поставувајќи го прашањето дали тој во Будимпешта имал средба со Груевски.
Од прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ ни изјавија вчера дека Мицкоски само поминал низ Будимпешта и не се задржал таму. На прашање дали тоа значи дека не се видел со Груевски, од партијата ни рекоа да се обратиме за одговор „кај братучедот на Заев“. На прашање кај кој братучед, ни одговорија „кај тој што вози ‘бентли’“.
Од опозициската партија посочуваат и дека Мицкоски има студирано во Виена и дека предавал на тамошен факултет уште пред да дојде на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, како што велат, и била целта на неговата куса посета на Виена овие денови. На прашање на кој универзитет во Виена предава Мицкоски, од партијата ни рекоа да ја видиме неговата биографија.
Во биографијата на Мицкоски што е објавена на интернет-страницата на ВМРО-ДПМНЕ стои дека од 2014 година е вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје, каде што и дипломирал, магистрирал и докторирал, но нема податоци за негов студиски престој или за професорски ангажман во Австрија.
Во политичките кругови има и информации дека Мицкоски има стан во Виена, ама за тоа вчера не добивме потврда од ВМРО-ДПМНЕ. За имотната состојба на опозицискиот лидер нема податоци на интернет-страницата на Антикорупциската комисија, со оглед на тоа што тој не извршува државна функција.
-СДСМ треба да одговори чие е возилото „бентли“ со струмички регистарски ознаки што го следи лидерот на опозицијата, реагираа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека Мицкоски патувал со приватниот автомобил поради научни цели, но во близина на Будимпешта на враќање кон Скопје, неговото возило било следено од возило од марката „бентли“ со струмички регистарски таблички, кое било управувано од роднина на премиерот Заев.
Од партијата бараат СДСМ да одговори кој го управувал возилото и кој издал наредба да се следи и снима лидерот на опозицијата, како и која е целта на следењето и кој го финансира.
„Веруваме дека тоа е и изворот на тенденциозноста на ваквите дезинформации кои се појавија во одредени медиуми, што само ја потврдува безидејноста на власта, обидите за дефокусирање од вистинските теми и нервозата присутна поради слабата поддршка од граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, прашаа зошто Мицкоски еден ден пред почетокот на предизборната кампања бил на „транзитно“ патување преку Будимпешта? Дали се сретнал со, како што велат од СДСМ, неговиот ментор, осудениот криминалец и бегалец од правдата, Никола Груевски? Дали непосредно пред почетокот на кампањата, Мицкоски од Груевски барал совети за нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова?
-Доби ли Мицкоски нови насоки од Груевски за деструктивно дејствување, прашуваат од СДСМ.
Во екот на аферата со бегството на Груевски од земјава – преку Албанија, Црна Гора и Србија – до Унгарија, од СДСМ тврдеа дека Мицкоски два месеца претходно бил во Будимпешта и во Белград.
-Која била целта на посетата на Мицкоски на Будимпешта и Белград во втората половина на октомври оваа година? Дали тие посети имаат врска со подготовката за бегство на неговиот ментор Никола Груевски? Со кого се среќавал за време на посетите на Будимпешта и Белград и што договарал?
Дали заедно со Груевски бил нацртан планот за бегство, прашуваше тогаш портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Претходно, Мицкоски изјави дека имал средба со Груевски пред тој да ја напушти Македонија, на која се разговарало за „личните моменти“ и „иднината“ на поранешниот премиер.
Груевски избега од Македонија за да не ја отслужи двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ – само еден од предметите на СЈО во кои тој е обвинет и осомничен. Четири месеци по неговото бегство, решавањето на статусот на СЈО е главна тема околу која предизборно се кршат копјата во политичката арена. Од донесувањето на Законот за јавно обвинителство сега најмногу зависи почетокот на преговорите со ЕУ, но СДСМ не може да го обезбеди потребното двотретинско мнозинство, главно поради крупните барања за отстапки што ги поставува ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови се најголем дел од обвинетите и осомничените во случаите што произлегоа од аферата со прислушувањето. (А.М.М.)