Скопјани сепак ќе имаат јавен превоз и од први јануари, изгласани субвенциите за ЈСП


Фото: Б. Грданоски

Јавното сообраќајно претпријатие ќе продолжи со работа и по први јануари откако доцна синоќа на вонредна седница 32 советници дадоа поддршка на предлогот за субвенционирање на работењето ова претпријатие.

На редовната седница во текот на вчерашниот ден пратениците од ВМРО – ДПМНЕ рекоа дека нема да дадат поддршка на ваквиот предлог по што одлука не беше изгласана.

Тие бараа да се намали сумата од 12 милиони евра која се предлага и парите да не се префрлаат одеднаш на што градоначалничката Арсовска се противеше.

Советниците од СДСМ пак рекоа дека тие се опозиција во Советот и дека како и досега ќе гласаат воздржано бидејќи цела година ЈСП и градоначалничката не им одговарале на прашањата кои ги поставувале за да се запознаат со работењето на претпријатието.

Градоначалничката Арсовска од говорницата ги молеше советниците да гласаат „за“ повикувајќи ги да ги остават настрана партиските препукувања.

Вонредната седница се одржа по 22 часот, а советниците по консултациите и координациите меѓу советничките групи, околу полноќ се вратија и дадоа зелено светло.