Скопјани повторно извисија – приватните автобуси не возат


Фото: Б. Грданоски

Последните неколку дена скопјани повторно подолго чекаат автобус на постојките каде покрај автобусите на Јавното градско сообраќајно претпријатие треба да поминат и оние од приватните превозници.

– Автобус со број „23“ последно имаше во петокот. Вчера и денеска нема, вели една редовна патничка, која место на 23-ка се качи на 27-ка затоа што оди до Ново Лисиче. Ако требаше да стигне до маџари, тоа сигурно не може да го направи од постојката „Дом на печат“, затоа што 23-ки нема.

Ако се знае дека договорот на приватните превозници со Град Скопје истече кон крајот на мај, може да се претпостави дека тој не е продолжен, па приватните превозници се исклучиле од сообраќај.

Иста е состојбата и со „45-ките“ и со „20-ките“, но и другите лини кои ги опслужуваа приватните превозници.

Претходно немаше никакви најави за прекин во превозот на некои линии или за проретчување на автобусите.

Никој од превозниците, ниту пак од Градот не кажува што се случува. Некои сопственици на приватни автобуси тврдат дека ЈСП доцни со исплатите.

Поставивме прашање до Градот Скопје, дали е продолжен договорот или се подготвува нов, но од таму до објавување на текстот не стигна одговор. Градот нема објавено нов повик за склучување договори со приватните превозници.

Според приватни превозници, проблемот се влошил откако договорите склучени пред две години им истекле, а нови немаат потпишано.

Ни претставниците на приватните превозници деновиве не излезе да каже што се случува, а Јовица Зафировски, кој досега беше гласноговорник на барањата на приватниците, денеска не одговори на нашите повици.

На крајот на мај истече двегодишниот договор кој во 2023 година го потпиша Градот со групацијата од три приватни превозници – „Јофи Бус“, „Вестор транс“ и „Радос компани“. До сега нема ниту потврда ниту демант од Град Скопје дали договорот е продолжен или не, дали има нов договор или повторно скопјани ќе се соочат со редуцирани линии.

Пред две години, градоначалничката Данела Арсовска ги прекина договорите со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, обвинувајќи ги за непочитување на договорни обврски, а потоа беше склучен нов договор со три приватни превозници и автобусите повторно се вратија на улиците.

Според законската регулатива, приватен превозник нема право да врши јавен превоз доколку нема валиден договор со локалната самоуправа или со Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП). Доколку, и покрај тоа, автобусите на приватните компании продолжат со работа, тие се изложуваат на санкции од страна на сообраќајната инспекција и полицијата.