Скопјани пијат чиста и здрава вода

Жителите на Скопје пијат чиста и здрава вода и не треба да се грижат дали ќе ја има доволно, со кој квалитет и во кое време на денот. Вода има доволно. Ова денеска го истакнаа скопскиот градоначалник Петре Шилегов, директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски и Зоран Божиновски, директор на Центарот за санитарна контрола и надзор при ова јавно претпријатие на одбележувањето на 22 Март – Светскиот ден на водата.

– ЈП „Водовод и канализација“ го гарантира квалитетот на водата за пиење на граѓаните на град Скопје и го имаме еден од најдобрите извори во Европа, а тоа е изворот Рашче 1 и  Рашче 2, изјави директорот Весковски по посетата на каптажите Рашче 1 и Рашче 2.

Градоначалникот Шилегов истакна дека водата што ја пијат скопјани е безбедна и невозможно е да биде загадена. Скопската вода, како што рече, е една од трите најдобри води во Европа.

– Водата што ја пиеме е стара 30 години. Толку е потребно низ природните филтри водата од Шар Планина која по подземните патишта доаѓа преку Полог, Жеден до изворот Рашче да го помине патот и се филтрира низ сите овие геолошки појави што ги имаме под земја, рече Шилегов. Додаде дека Скопје и Виена веројатно се единствените градови во Европа што го имаат овој геолошки феномен што овозможува постојано водоснабдување на граѓаните со квалитетна, здрава, чиста и убава вода за пиење.

Граѓаните, како што рече, не треба да се грижат, Град Скопје гарантира дека водата што ја пиеме е совршено здрава и да не подлегнуават на разни изјави од поединци кои сакаат да внесуваат страв меѓу граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање, Шилегов рече дека само осум отсто од водоводните цевки во Скопје се азбестни. Соопшти дека работат интензивно низ цел град, вршат прекопи што се однесуваат на изградба на канализациски ситеми или на промена на водоводни системи што се дотраени.  Азбестни цевки има во населбите Ченто и Драчево. Посочи дека скопските населби во урбаниот дел целосно се покриени со водоснабдување.

Прашан за водоснабдувањето во општина Сарај, Шилегов објасни дека во моментот кога Општина Сарај ќе достави градежни проекти за изработка на водовод, што е во општинска надлежност, Градот е подготвен да го изработи тој водовод.

– Ние не можеме да работиме дивоградби водоводи. Општината мора да го изработи проектот, да го зацрта во своите планови, а потоа да влеземе во негова реализација. Кај мене секогаш за вакви фунадментални прашања, како што е вода, канализација, струја и гас, едноставно нема дилема. Тоа е првата инвестиција што Градот треба да ја направи, но треба прво да добиеме проекти од Општината, рече Шилегов.

Шилегов рече дека не е во план поскапување на водата во Скопје, освен, како што рече, во делот кога ќе дојдеме до имплементација на пречистителната станица затоа што согласно европската регулатива, ќе мора да имаме посебна ставка за пречистителната станица.

– Евентуалното идно поскапување на водата ќе биде кога ќе ја пуштиме во употреба Пречистителната станица во Скопје, тоа по наши пресметки е 2023 година, рече Шилегов. Додаде дека трошоците на пречистителната станица ќе мора да бидат покриени и оти тоа покачување е инвестиција на секој од нас, како граѓани, во здравата животната средина.

Директорот Божиновски информира дека Град Скопје инвестира во истражувања на алтернативни извори.

– Се истражуваат како алтерантивни извори реката Кадина, Мала Река, Патишка Река, изворот Врело како потенцијален извор што има одреден квалитет на вода и е многу близок до квалитетот на Рашче. Екипите работат на комплетни анализи и тоа го финансира Град Скопје. Во текот на оваа година, во јуни ќе имаме комплетен извештај што ги опфаќа сите видови на потребни анализи за носење одлука за идно користење на тој ресурс, рече Божиновски.

Тој потенцира дека водата се користи, ја има во вишок, а преливот од изворот е водата што не оди во дистрибутивната мрежа.  – Се користи изворот 1, а  другите се резервни извори и истражуваме алтернативни извори, додаде Божиновски.