Скопјани носеа маски и пред пандемијата, се штитеа од загадениот воздух


Фото: Б. Грданоски

Воздухот во Скопје е загаден, а особено тоа деновиве го чувствуваат лисичани, каде особено навечер не може да се дише, печат очите, грлото и носот.

Според податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање, последната недела нема ден мерните станици да не измериле водух кој е екстремно загаден и ја надминува границата од 50 мг/м3 за ПМ 10 честичките, а повисоки вредности се измерени и за другите загадувачи.

Во комбинација со традиционалната магла во Лисиче, и вчера во 23 часот измерените високи вредности на ПМ10 – 269, скопската населба особено навечер изгледа како хорор филм.

На социјалните мрежи за загадениот воздух постојано реагираат граѓаните. Споделуваат фотографии од тоа како изгледаат улиците низ Ново Лисиче на пример, а на нив речиси ништо не се гледа, освен некоја пригушена сијалица.

Фотографијата е преземена од Фејсбук статус со ироничен наслов: Разгледница од Ново Лисиче!

Под овој статус се нижат коментари од типот: „Стави дупла медицинска маска на секои десет минути Не излегува без потреба. Миј раце и држи дитанца од загадениот воздух“.

Или, „Е ова е смртоносниот вирус“…

Скопјани знаат дека и во изминатите години носеле маски во овој период од годината, но тогаш за да се заштитат од загадениот воздух, а не од корона вирусот,  што го немаше.

Загадениот воздух е штетен за здравјето на луѓето, а во услови на пандемија од корона вирус многу експерти преупредуваат дека токму загаденоста придонесува за смрт кај пациентите со ковид-19.

Имено, последната студија на експерти од Германија и Кипар тврди дека загадениот воздух предизвикува смрт кај 15 проценти од заразените граѓани со Ковид-19.

„Кога долгорочно загадување на воздухот се комбинира со инфекција со Sars-CoV-2, тоа се одразува негативно на здравјето – особено на срцето и крвните садови“, предупредува авторот на студијата.

Воздухот е опасен за дишење и навечер, но и преку ден, покажуваат истите податови, а покрај во Скопје, високи концентрации на штетните ПМ ќестички се регистрирани и во Квадарци, Куманово, Тетово и на други места. Интервентни мерки нема, иако веќе цела недела трае ваквата состојба.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, вели дека очекувано со почеток на грејната сезона да дојде до загадување на воздухот.

„Логично е да се зголемува загаденоста со почетокот на грејната сезона. И јас сум загрижен за ваквата состојба, а ја разбирам и загриженоста на луѓето“, вели Шилегов.

Индустријата е голема причина за загадувањето во Македонија, вели министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, кој во на една телевизија зборуваше за главните причини за загаденост во воздухот.

Тој вели дека помеѓу 16 и 17 попладне, и до 22, 23 и 24 часот во текот на ноќта драматично се зголемува загадувањето на воздухот.

„Причината за ова е што граѓаните се враќаат дома и го вклучуваат греењето, но тоа не се само домовите на луѓето, туку и други објекти во државата, а потоа имаме и воздушен притисок. Значи, една од причините, за жал, е греењето во нашите објекти и домови. Друга причина дефинитивно е индустријата што треба да се контролира, и можеби треба да има поригорозни контроли во иднина“, рече Нуредини.

Поради алармантните бројки на заразени и штетниот воздух лидерот на опозицијата Мицкоски бара да се ослободат од работа најранливите групи граѓани.

„Поради високата загаденост на воздухот, паралелно со пандемијата од #COVID апелирам до Владата, министерот за здравство Филипче и до политичката комисија за заразни болести, хронично болните да се ослободат од работа. Посебно тие со белодробни заболувања“, пишува Мицкоски на Фејсбук.


Екологистите реагираат дека мерките на властите не даваат резултати и бараат законски измени.

„Мерките се стихијни и не го решаваат проблемот, потребна е интерсекторска соработка и многу поголем буџет бидејќи ова е најсериозниот еколошки проблем во државата. Мора да се донесат и законски измени за забрана на горење фосилни горива“, велат екологистите.

Од друга страна пак, Советот на Град Скопје вчера расправаше за Зелениот акциски план за кој активистите велат дека не знаат што стои во финалната верзија, а ги засега сите граѓани и треба од нив одобрување.

Тие побараа тој да се стави еден месец на увид за да можат да реагираат и со свои предлози да се јават засегнатите.

Инаку, Акцискиот план за Зелен град, кој се изработува во соработка со ЕБОР од март 2019 година, како дел од учеството на Градот во програмата на ЕБОР за зелени градови. Скопје е првиот град во Северна Македонија кој се приклучи во зелените градови на ЕБОР и го започна развојот на Акцискиот план за зелен град (GCAP). Акциониот план ќе му помогне на Скопје да ги утврди, да им даде приоритет и да одговори на неговите најитни предизвици во поглед на животната средина. Истиот има за цел да се справи со најакутните предизвици од климатските промени и животната средина како што се: управувањето со цврст отпад, водата и отпадните води, градските патишта и осветлувањето, градскиот превоз, намалување на локалното загадување, подобрување на енергетската ефикасност и искористеноста на ресурсите, како и промовирање на приспособувањето на климатските промени, стои во најавата на Град Скопје.(Б.Б.)