Скопјани нема да останат без јавен превоз, возачите ќе добијат плата

По најавите од Синдикатот на вработените во ЈСП Скопје, дека возачите и тие во одржување ќе штрајкуваат доколку не ја земат септемвриската плата, од претпријатието уверуваат дека во следните денови ќе ја добијат заслужената плата.
Нема да дозволиме скопјани да останат без јавен превоз. Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП, велат од таму.
Очекуваат дека што поскоро ќе се подмират минатогодишните долгови и тековните обврски за да не се доведе во прашање редовната работа на претпријатието.
– И покрај тешката ситуација, на која никој во државата не остана имун, работиме за јавниот превоз да продолжи да функционира без проблеми во интерес на сите негови корисници. Во меѓувреме, и покрај сите околности, економската криза и констатниот пораст на цената на горивата, висината на цената на билетите остана иста, а нема редукции на возниот ред – додаваат од ЈСП.
Целосно се оспособи и ставен е во возна состојба целиот возен парк, се презедоа конкретни мерки за надминување на проблемите со нефункционалноста на инвалидските рампи, на 50 возачи им се реши долгогодишниот статус, односно добија вработувања на неопределено време, набројуваат од претпријатието.