Скендер Реџепи ќе формира политичка партија


Поранешниот пратеник од Алтернатива, а сега независен, Скендер Реџепи Зејд ќе формира политичка партија.Во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 изјави дека тоа доаѓа како резултат на незадоволството во Алтернатива каде не дале можност за промена во партијата, како и дека не се гледа себеси како дел од некоја друга партија која во моментов е активна.

„Сме виделе и во отчетот и средбите со граѓаните, дека имаме поддршка од граѓаните за политичкиот пат кој го градам. Бидејќи не се гледам себеси кај ниту еден политички субјект, бидејќи верував дека во Алтернатива треба да работам, бидејќи моето излегување потврди дека промената мора да се направи, но кога видов дека тоа не може да се случи, така да веројатно ќе почнам ново политичко патување заедно со структурите кои ги имаме. Ќе им подадам рака за соработка на тие кои излегоа од ААА, заедно да почнеме ново политичко патување“,
вели Реџепи за ТВ 21.

Запрашан за неговиот говор во Собранието, како е можно албанските општини во Северна Македонија да одделно да го бараат патот кон Европската унија, тој рече дека тоа ќе се реши со текот на времето.

„Верувајте дека порано или подоцна ќе дојде до создавање друг менталитет што значи, зошто ние, зошто иднината на нашите деца да бидеме заложници на група македонски националисти. Не тврдам дека ќе биде таква промена на воена основа како што беше во 2001 година, но сепак, во никој случај не е во таа конотација, туку би било во соработка со меѓународната заедница, која многу добро знае дека цела држава треба да биде изолирана поради националистичкото оро што се игра, кое е поттикнато од Левицата, а го игра и ВМРО“, вели Реџепи Зејди.

Зејди рече дека сите знаат дека уставните измени воопшто не го засегаат македонскиот идентитет, но како што додаде, целта на ВМРО ДПМНЕ е едноставно да има избори и што побрзо да дојде на власт. Според него, корупцијата достигнала големи размери, а единствено решение е ЕУ.

„Оваа сериозна ситуација со изолација ќе не доведе до многу посериозна ситуација која нема да можеме да ја поправиме. Затоа Албанците ќе видат дека залудно сме заложници на брод што го потонуваат некои македонски националисти, а ние остануваме бескорисни таму. Подобро да го оставиме тој брод, да го земеме нашиот дел, па нека потонат ако сакаат, нивно е. Иако искрено, огромен дел од Македонците се за уставни измени“, вели Зејди.

Скендер Реџепи Зејд ја напушти Алтернатива во јуни лани од кога делува како независен во Собранието. Тој е третиот пратеник од албанскиот политички блок што реши да формира нова партија. На 12 август, поранешниот заменик-претседател на Беса, Аријанит Хоџа ја формираше Европската демократска партија, а ден подоцна Изет Меџити, кој беше дел од огнената група во ДУИ, ја промовираше партијата Демократско движење.