Скандал во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ спречи расправа за сертификатот на Христовски
Славјанка Петровска од СДСМ обвини за „тиранија“ на владеечкото мнозинство кое со дополнителни барања ја блокираше расправата
Обидот да се дознае конечно има ли лажен сертификат или не новоименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, пропадна во собраниската Комисија за надзор на работата на безбедносните служби. Претставниците на владејачката коалиција не само што бараа дневниот ред, на кој беше само „Информацијата за незаконското именување на Бојан Христовски за директор на АНБ“, да се дополни уште со две точки, туку со нив да почне расправата, што го одби претседателот на Комисијата Скендер Реџепи од Европскиот фронт и ја прекина седницата.
Тоа според Славјанка Петровска од СДСМ беше јасна потврда од власта дека Христовски е незаконски именуван, па сега со политички игри спречуваат фактите да излезат пред јавноста. Иако оваа Комисија, заради важноста, чувствителноста и лошите искуства ја предводи опозицијата, испадна дека владејачкото мнозинство ја контролира нејзината работа и натаму, за што Петровска најави иницијатива да се смени Деловникот.
Целиот настан се одржуваше со висока тензија и наликуваше на циркус, со јасна намера расправа воопшто да нема, како да се одржува таа за да се задоволи опозицијата, а не да се задоволат барањата на јавноста. По седницата се случи и скандал, кога новинарка се обидуваше да земе изјава од Христовски, а пратеникот Драган Ковачки (ВМРО-ДПМНЕ) правеше сѐ да го држи настрана директорот на АНБ , па во еден момент ја обвини дека го снима, со што предизвика бесна реакција и навреди дека е параноик на кој му треба лечење, а не да биде пратеник во Собрание.
Христовски, пак, тврдеше дека веќе потврдил дека ги исполнува условите за функцијата и дека ги дал сите сертификати што му ги барала ДКСК, иако од таму вчера објавија дека ги немаат, без да прецизира кога го направил тоа. Едноставно го одмолчи прашањето.
Епилогот на расправата стана јасен уште веднаш кога Ковачки побара во дневниот ред да се вметнат двете барања – да се изврши надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и надзор на работата на Агенцијата за разузнување, при што кажа и точни датуми кога да се случи тоа во текот на идниот месец. Наедно, тој забележа дека материјалот за расправата не е доставен до сите пратеници (иако бил објавен на веб страната на Собранието), дека го поднеле СДСМ кои немаат ни една третина од пратениците за да поднесат вакво барање, но тврдеше дека ќе гласаат за дневниот ред што го допишаа за да ги разбијат „небулозите и приказните“ на СДСМ.
Тој исто така сметаше дека одлуката да се стави ова барање на расправа е преседан кој ќе отвори простор за многу такви во иднина, односно било кој да достави материјал и да се свика седница, игнорирајќи ги забелешките од Реџепи дека се водел според важноста на прашањето околу сертификатот на Христовски за јавноста. Тој уште префрли дека ваква ажурност Реџепи не покажал кога премиерот Христијан Мицкоски излезе со тврдење дека бил следен од службите со дронови и дека претходната власт ги злоупотребила за партиски цели, па ја нарече расправата „политичка игра за замајување на јавноста“, пред сѐ испровоциран од насловот во кој стои дека на дневен ред се става „незаконското именување на директор на АНБ“.
Расправијата понатаму одеше во тој стил, при што претседателот на Комисијата, Реџепи, категорично одбиваше да ги стави двете дополнителни точки на дневен ред бидејќи лично сѐ уште немал сертификат, така што не сака да води Комисија – а да не биде дел од нејзините клучни активности. Па, им порача, „ќе одиме во надзор на агенциите кога ќе го добијам сертификатот“, на што од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со оценката дека може да се случи никогаш да не добие, а работата на Комисијата не може да стои. Не го премислија потоа ни уверувањата од Ковачки дека ако ги стави двете точки на почетокот на расправата, ќе останат и на третата – каде што ќе се разгледува незаконското именување на Христовски.
„Седницата мора да продолжи затоа што во демократско општество вие не можете да кажете дека нема да одиме во посета на службите затоа што вие немате сертификати. Тоа е на некој начин диктаторски. Тоа треба да се стави на гласање. Што правиме ако побараме затворена седница“, праша Ковачки.
„Не сакам да бидам алатка на никого, затоа сметам дека до завршување на одредена одлука ќе ја прекинам оваа седница и ќе продолжиме кога ќе се создадат услови за тоа“, возврати Реџепи и ја прекина седницата.
Петровска прифати да се расправа и за наводното следење на премиерот со дронови, но прва точка да биде незаконското именување, според СДСМ, на Бојан Христовски. Генерално таа оцени дека е јасна играта и дека мнозинството во парламентот покажало дека нема демократски капацитет. Таа оцени дека кон секое отворено прашање во јавноста треба да пристапат со ист аршин, а на дофрлањата на Никола Мицевски дека не можат да одржат ни конгрес во партијата, па нема политичка тежина да им кажува ним како да постапуваат, таа возвати исто со навреда – „дајте ми напишан говор, како што им ги давате на вашите пратеници“.
„Најавувате реформи на безбедносните служни, а половина од луѓето тука не знаат што се безбедносни служби“, им возврати Петровска, оценувајќи дека „немаат ни капацитет да ислушаат една процедурална забелешка без да прекинуваат и упаѓаат, а не пак да прават реформа“.
На инсистирањето на Реџепи дека надзор над агенциите нема да се договори додека не добие сертификат за безбедност, пратениците од ВМРО-ДПМНУ одговорија со закана дека ќе му покренат интерпелација, бидејќи одбивањето да стави предлог за дополнување на дневен ред не е според деловникот на Собранието и не е демократски.
Новиот директор на АНБ на седницата седеше до Ковачки и само ја следеше дискусијата. На барањето на новинарите да даде изјава рече дека – тоа што имал да го каже, ќе го кажел на седницата.
По седницата Петровска даде изјава за новинарите. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ потврдиле дека Христовски е незаконски именуван за директор на АНБ, дека тоа што го видовме на седницата е чист доказ – бидејќи спречија да се одржи расправата. Таа ваквото однесување го нарече тиранија на мнозинството оценувајќи дека казна за државата е вакво политичко мнозинство да спроведува реформи во безбедносниот сектор. Според неа, незамисливо е во ваква комисија мнозинство да имаат партиите што се на власта бидејќи се губи смислата на надзорот на службите, поради што најави дека ќе иницира промена на деловникот.
„Видовте каков театар направија. Целта не беше надзорот на агенциите, туку седницата да не се одржи. Политички можеби се среќни сега, но тоа не враќа во времето кога службите работеа незаконито“, порача Петровска.
Наедно, таа посочи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги утврдиле и датумите за посета на службите без да се консултираат за тоа со останатите, порачувајќи дека некои работи не треба да ги пишува во Деловникот туку треба да се дел од демократско однесување. Според неа, намерата е двете служби да се стават под партиска контрола, констатирајќи со жалење дека не сме ја научиле лекцијата од минатото.
Прес-конференција имаше и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.
„Бевме сведоци денес на груб несмасен обид за театар на опозицијата на СДСМ и ДУИ и нивните коалициони партнери. Уште продолжуваат со грубото прекршување на законите, на Уставот и на Деловникот за работа на Собранието. Како што видовте на седницата, ВМРО-ДПМНЕ имаа јасна намера да ја поддржат иницијативата иако имаше деловнички пречки за неа и не беа исполнети условите од деловникот. Ќе ја поддржевме иницијативата да се дискутира на оваа точка. Фрапира неможноста да се надополнат точки на дневен ред. Претседателот на комисијата од редовите на опозицијата не дозволи да се изјасниме за точките на дневен ред да се додадат, рече Јаревски и посочи дека би поддржале интерпелација на претседателот на комисијата.
Пред три дена, Министерството за внатрешни работи (МВР) отвори постапка за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, по сомнежите во јавноста за валидноста на документот доказ за познавање на англиски јазик за кој Христовски тврди дека го стекнал во училиштето „Јулија КО“ во Пловдив, Бугарија. Медиумите кои ја проверуваа информацијата објавија дека такво училиште не постои и дека досега имаше два судски случаи за ист вакви лажни сертификати, по што уследија разрешувања.