Скандал во министерството на Андоновски: Жената државен секретар, мажот добива тендери
Немам законска можност да ги истражувам контактите на секој вработен во министерството со приватни компании, возврати Андоновски

СДСМ продолжи со серијалот обвинувања за злоупотреба на јавните тендери од страна на функционерите на власт, тврдејкќи дека на ваков начин се испумпуваат парите на граѓаните во приватни и партиски џепови.
-Очигледно, не постои случајно избрана фирма кога се работи за тендерите на ДПМНЕ. Денешниот скандал е пример за директен конфликт на интерес, непотизам и основано сомнение за корупција во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски.Во Министерството на Андоновски, каде втор човек е државниот секретар – Гордана Клинчарова, тендери добива фирма на нејзиниот сопруг, Мартин Клинчаров.
Еве ги фактите:
Два договори се склучени помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги МАТЕО ДИЗАЈН ДООЕЛ увоз-извоз Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на Гордана Клинчаров.Првиот договор за набавка на конференциска и презентациска опрема во вредност од 2.400.000 денари или околу 40.000 евра. И вториот договор, за набавка на ИТ опрема во вредност од 529.000 денари.
Само од овие два тендери, преку Министерството на Андоновски, околу 50.000 евра завршиле кај фирмата на сопругот на Клинчарова, која е државен секретар во истото министерство.Ете каде завршуваат парите на граѓаните. Во семејните фирми на функционерите од ДПМНЕ.
Ова е еклатантен пример за конфликт на интерес и непотизам од страна на ДПМНЕ, но и сериозен сомнеж за корупција. Прашањето е каква е улогата на министерот Андоновски во овој скандал? Дали бил и тој соучесник? Бидејќи неговото име и презиме стои на договорите како потписник!
Почитувани, со овој скандал се потврдува нашето тврдење дека ДПМНЕ ги испумпува парите на граѓаните преку мрежа на фирми и тендери.Но, се потврдува и фактот дека на голема врата ги враќа изведувачите на Скопје 2014 во нивните сегашни бизнис шеми. Истата оваа фирмата на Мартин Клинчаров била дел од изведувачите на проектот Скопје 2014, за поставување на мермер и изведба на мостот Гоце Делчев.
Близината на кадрите на ДПМНЕ и Маето Дизајн оди дотаму што фирмата се јавува и како донатор во Општина Аеродром, во перид кога градоначалник е, Тимчо Муцунски. И повторно, истиот Тимчо ја поставил Гордана Клинчарова за Раководител на секторот финансии за време на неговиот мандат.Традиционално, секаде каде што Гордана Клинчарова е поставена од ДПМНЕ на одредена позиција, нејзиниот сопруг развива тесна институционална соработка, стои во соопштението од СДСМ.
Затоа, опозицијата бара Државната комисија за спречување на корупција да отвори предмет и да постапи за овој скандал и сите надлежни институции да се вклучат во негово расчистување.
-Шемата е страотна и ќе биде целосно презентирана во јавноста со сите докази за лица кои се директно поврзани со ДПМНЕ и со компаниите кои земале милионски тендери, порачаа од СДСМ.
Министерот Стефан Андоновски, пак, одговори дека државната секретарка не била вклучена во постапките за јавни тендери а тој не можел да ги проверува врските на вработените со приватни компании. Според него однесувањето на СДСМ и ДУИ претходно било причината што им се јавила само една компанија на тендерот, и токму таа на мажот на државната секретарка во неговото министерство која била ангажирана и претходно на проектите од „Скопје 2014“.
-Министерството за дигитална трансформација е посветено на транспарентост, отчетност и законитост во работењето. Во Министерството за дигитална трансформација во последните 8 месеци се спроведени десетици јавни набавки. Само во еден случај постоела жалба при спроведувањето, и со нејзино делумно прифаќање истата е поништена.
Во врска со наводите на СДСМ, која се уште не може да се помири дека не ги води институциите со криминал и наместени јавни набавки, сметаме дека и самите не веруваат во она што го зборуваат.Сепак би го истакнале следното: Станува збор за набавка на конференциска и презентациска опрема на која, за жал пријавена е само една компанија, и покрај широките и објективни критериуми кои беа утврдени во истата. Најверојатно заради однесувањето на СДСМ и ДУИ како Влада во минатото, тоа е честа пракса во рамки на процедурите за јавни набавки, дури и кај наједноставните побарувања. Избраната компанија ги исполнила бараните услови и критериуми, а за постапката никој не вложил никаква жалба.
Лага број 1 е дека договорот е на сума од 2.5 милиони денари.Постигната е цена од 1.531.927,00 денари, која е за скоро 40% поевтина од планираната сума за јавната набавка од 2.500.000,00 денари. На тој начин, заштедени се околу еден милион денари (16 илјади евра) пари на граѓаните. Предвидените производи се навремено и квалитетно испорачани при преселбата на Министерството. При дополнително направена анализа, направени се заштеди од 10% до 45% по производ споредено со пазарните цени, нешто што никогаш не било случај во време на владеењето на СДСМ. И втората набавка, за проект кој СДСМ го блокираше, е мала набавка во која исто така се постигнати пониски цени од пазарните за до 40%.
Државниот секретар во Министерството не учествува во ниту еден постапка за јавна набавка, во ниту една фаза. Нејзиниот ангажман е во административно-буџетско работење на Министерството. Оттука, не постои простор за судир на интерес или влијание на постапката од нејзина страна.Не треба да ја потсетувам јавноста кога семејствата и фамилиите на министри во труд и социјална политика и директори кои носеа одлуки за јавни набавки, водеа омилени компании за јавни набавки.
Лага број 2 е дека јас имам некаква вмешаност во изборот, техничката спецификација или севкупно набавката. Таа ја вршат стручни и објективни членови на комисии, а нивната работа се цени по тоа што нема ниту една жалба за набавката.
Од друга страна, немам законска можност или простор за истражување на контактите на секој вработен во министерството со приватни компании. СДСМ треба да знае дека доколку при соодветно исполнети услови, се пристапи кон поништување на постапката, Министерството се изложува на можности за тужби и сносење судски трошоци, нешто што било негативна пракса претходно и за која се уште плаќаме.
Како отчетно министерство, стоиме на располагање на сите надлежни институции да споделиме информации и документи за оваа или други процедури за јавни набавки. Ги повикуваме и ДКСК и Јавното обвинителство, доколку сметаат, да ги истражат сите наводи кои би се сметале за спорни. Ние сме убедени во законитоста на постапките и нивниот ефект“, стои во реакцијата на Андоновски.
На крај топј се закани со кривична пријава ако СДСМ не престанат „со ширење на невистини“ за него и неговото семејство.
-На крај дозволете да кажам дека СДСМ со недели не престанува да ме навредува, омаловажува, лаже за мене и моето семејство. Ги повикувам за изнесените невистини и лаги и на денешната прес конференција да се извинат. Во спротивно, го задржувам правото и можноста да побарам нивна одговорност за навреда и клевета пред судовите во Македонија, порача Андоновски практично реагирајќи и на обвинувањата за непотизам, бидејќи тројца од неговото најблиско семејство се на високи функции во моментов.
По реакцијата на Андоновски од СДСМ порачаа дека тој всушност ги признал и ги потврдил информациите а со тоа и скандалот, односно дека тендерите во неговото министерстви ги има добиено сопругот на државната секретарка во истото министерство- Гордана Клинчарова.
-Наместо да се извини и да поднесе оставка, тој дрско се обиде да ја брани Клинчарова а всушност ја дозакопа.Андоновски вели дека државната секретарка, во случајот сопругата на тој што го добил тендерот, била само ангажиарана во административно – буџетско работење на министерството. А, државниот секретар во секое министерство па и во неговото раководи со целата администрација. Што значи дека Клинчарова е шефица на сите кои учествувале во водењето на постапката за оваа и на било која друга јавна набавка, порачаа од СДСМ.