Скандал во Франција: Македонска смедеревка продавана како бургундско вино за 250 евра по литар


Европол и француските истражни органи открија мрежа на фалсификатори која во последниве години продавала вино од Северна Македонија како скапоцени етикети од француската винска регија Бургундија, објави српскиот портал vinoifino.rs.

Според информациите, истрагата опфатила винари од познатите региони Шабли и Монраше кои, поради недостиг на шардоне и зголемена побарувачка, полнеле шишиња со македонска смедеревка, увезена од винарницата „Газда Ѓоко“ од селото Мрзенци.

Фалсификуваното вино, по дополнително одлежување во француски барик буренца, се продавало како автентичен шардоне со географско потекло, по цени над 250 евра за шише.

Францускиот енолог Теле Репомаше, ангажиран од една од винариите под истрага, за vinoifino.rs изјави дека смедеревката од Северна Македонија оставила силен впечаток поради нејзината минералност и соленост:

„Тоа е феноменално вино, со карактеристики слични на бургундиското шардоне. Кога ја дегустиравме во едно балканско бистро на пат кон Грција – бевме воодушевени. Немаше начин да ѝ одолееме, особено по таа цена.“

Сопственикот на македонската винарница, Ѓоко Трпески, вели дека немал никаква информација за понатамошната дестинација на неговото вино:

„Бев шокиран кога дознав дека нашата смедеревка се продава за над 250 евра. Ние ја продадовме за 50 евроценти.“

Случајот го истражува француското обвинителство во соработка со Европол, а досега се идентификувани најмалку седум лица инволвирани во оваа мрежа. Како што се наведува, сопственикот на македонската винарница засега не е осомничен и не постојат индиции дека бил свесен за фалсификатот.

Скандалот го отвора прашањето за етикетирањето и контрола на потеклото на виното, но и го свртува вниманието кон квалитетот на вината од Северна Македонија, кои очигледно можат да стојат рамо до рамо со најпрестижните европски етикети – и покрај злоупотребите.

Оваа вест ќе беше број еден денеска, ако не се работеше за првоаприлска шега на српскиот портал, vinofino.rs.

Имено, српските колеги се пошегуваа со македонските, па ја пренесоа нивната првоаприлска вест, а не постои ниту винарија „Газда Ѓоко“, ниту нејзиниот сопственик Ѓоко Трпески од Мрзенци. Секако, измислен е ифранцускиот енолог (восхитен од вкусот на македонската смедеравка, особено пак, по таа цена) Теле Реепомаше.

Мора да им се признае на српските колеги дека добро се потрудиле и направиле одлична првоаприлска вест.