Скандал: Пропадна швајцарската компанија „Криосејв“ за чување матични клетки
Една од најголемите приватни банки за матични ќелии во Европа, пред неколку дена ја изгуби дозволата за работа и правото да прибира, да складира, извезува и увезува матични клетки, соопшти швајцарската агенција за лекови и медицински средства „Свисмедик“.
За ова пишуваат српските медиуми, откако врз основа на пријава и докази кои до „Свисмедик“ ги доставил адвокатот за право на конкуренција Растко Петаковиќ, преку компанијата и менаџментот покрената е постапка затоа што постојат индиции дека компанијата направила кривично дело прекршувајќи го швајцарскиот закон за трансплантација, во дело кој се однесува на известување и соработка, пишува „Нова економија“.
Во соопштението од „Свисмедик“ се наведува дека во текот на септември извршен е претрес на бројни локации и покренати се кривични пријави и постапка за инспекциски надзор.
– Кога утврдив бројни прекршувања на законот и медицинските стандарди, поднесов кривична и административна пријава против „Криосејв“ – извести Петаковиќ на Твитер.
Според него, транспортот на матични клетки е направен без согласност и знаење на корисникот. И не само тоа, „Криосејв“ продолжил да собира примероци со информација дека тие ќе бидат чувани во Швајцарија. Трето, нејасно е како и кои осетливи податоци за пациентот се преземени од „Криосејв“.
Според информации кои адвокатот ги подели со српската јавност, компанијата е во рацете на нов сопственик од февруари, но, проблеми со функционирањето постојат најмалку од 2013/2014.
Според него, следен чекор е покренување постапка за затворање на локалните ограноци на оваа компанија која и понатаму работи и да се покрене постапка против сите вмешани во измамата со која се предизвикува опасност по јавното здравје.
Петаковиќ ги советува сите кои имаат матични клетки на чување во „Криосејв“ да почекаат пред да се види судбината на постапката против „Криосејв“. Тој потоа предлага сите засегнати да поднесат една заедничка тужба, која треба да се процесуира во Швајцарија.
И во Македонија постои огранок од „Криосејв“ од 2007 година, но денеска не може да се пристапи до нивната интернет-страница, како ни на страницата на Фејсбук.