Скандал околу новите хрватски кованици на еврото: Мотивот на куната е плагијат


 

Откако хрватската Влада неодамна го претстави дизајнот на хрватските кованици на еврата, на кои се наоѓаат разни мотиви, како шаховницата, хрватската карта, животното куна, ликот на Никола Тесла и глаголицата, еден мотив предизвика контроверзи.

Се работи за мотивот на куната кој го дизајнираше Стјепан Прањковиќ и кој доби 70.000 куни за тоа.

На социјалните мрежи набрзо се прошири споредба на куната од кованицата на еврото и фотографијата на авторот Јаин Леч од Шкотска, која е објавена на интернет.

Луѓето коментираат дека главно има големи сличности на фотографијата со она што е употребено за дизајот на хрватското евро.

Авторот на фотографијата и сам се вклучи во расправата на Твитер.

„Се надевам дека авторот на дизајнот на хрватските кованици на еврото го контактирал и платил за правата на фотографијата затоа што оваа на кованицата изгледа исто како на твојата фотографија“, напиша едно лице на Твитер.

Леч набрзо одговори и напиша саркастичен коментар.

„Благодарам што ме известивте. Не знам што можам да направам, можеми ќе ми пратат бесплатна кованица“, напиша тој.