СЈОРМ: Одлуката на Антикорупциска за назначување членови на УО на Академијата за судии и јавни обвинители е противречна и неподобна


Советот на јавните обвинители ја оцени одлуката на Антикорупциската комисија за отповикување на нивните членовите во управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради потенцијален судир на интереси како неподобна и противречна.

– Советот ја разгледа одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата од 8 ноември 2024 година. Членовите на Советот ја оценија одлуката како неподобна за извршување и противречна, истакнувајќи дека е донесена согласно член 40 став 3 од Деловникот за работа на ДКСК, стои во соопштението од СЈОРМ.

Одлуката на ДКСК запира постапка за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, но, истовремено, утврдува дека Советот постапил спротивно на законските одредби. 

Советот препорача преземање мерки за надминување на констатираните состојби.

Во новиот состав на управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители членови од СЈОРМ ќе бидат Душица Димитриеска и Башким Бесими.

На осмата седница денеска Советот го разгледа и усвои Извештајот за работа на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за 2023 година.

– Извештајот беше презентиран од Основниот јавен обвинител Ислам Абази, по што следеше дискусија и позитивна оценка од членовите на Советот, велат од СЈОРМ.