СЈО се дообјаснува: „Бомбите“ на Ел Чека не се од кај нас
Специјалното јавно обвинителство во врска со написите објавени во дел од медиумите и различните толкувања на вчерашната изјава на специјалната јавна обвинителка денеска преку соопштение нагласува дека новообјавените разговори на Фејсбук профилот со псевдоним „Ел Чека“ не потекнуваат од СЈО.
– Во оваа смисла, ја уверуваме јавноста дека сите аудио материјали со кои располага ова Јавно обвинителство се чуваат под строго пропишани безбедносни процедури кои опфаќаат физичка, административна и информатичка безбедност на информациите. Воедно, при анализа и обработката на материјалите се постапува согласно со воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите, како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Северна Македонија и други лица, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, велат од СЈО.
Оттаму ги повикуваат сите субјекти кои поседуваат аудио материјали кои се предмет на незаконско следење на комуникациите да ги достават до СЈО.