Ситигруп предвидува дека нафтата може да поевтини на 65 долари за барел, но…


Цената на суровата нафта би можела да падне на 65 долари за барел до крајот на оваа година и да продолжи да паѓа на 45 долари до крајот на 2023 година доколку дојде до рецесија, која по дефиниција ја поткопува побарувачката, проценува американската банка Ситигруп.

Ова сценарио се заснова на претпоставката за отсуство на каква било интервенција од страна на производителите од нафтената група ОПЕК+ и пад на инвестициите во нафта, наведуваат аналитичарите на Сити, според „Блумберг“.

Според последните расположливи податоци, цената на глобалната нафта брент е 113,7 долари за барел, а американската нафта WTI се тргува за 110,1 долар за барел, пренесува Танјуг.

Анализата на Ситигруп ја споредува моменталната состојба на енергетскиот пазар со кризата од 1970-тите. Засега економистите на оваа банка не очекуваат САД да западне во рецесија.

– Што се однесува до нафтата, историските факти сугерираат дека побарувачката за нафта станува негативна само за време на најлошите глобални рецесии, велат аналитичарите на Сити во извештајот објавен денеска.