„Сите за Палестина“ со писмо до Сиљановска: Молкот за геноцидот е срам за меѓународната репутација на Македонија

Иницијативата „Сите за Палестина“ реагира на изјавите на македонските преставници на Генералното собрание на Обединети Нации каде што присуствуваа на маргинални настани и избегнуваа да бидат дел од главната тема, Палестина. Реакцијата тие ја упатија до претседателката Гордана Сиљановска Давкова порачувајќи дека молкот и и неодлучноста се срам за меѓународната репутација на Македонија, инаку актуелна членка на Советот за човекови права на ОН во моментов. Во реакцијата стои:
Македонија е членка на ОН и има ратификувано повеќе меѓународни договори, вклучително и Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидот. Според неа, државите имаат правна обврска не само да не вршат геноцид, туку и активно да го спречат и да дејствуваат кога постои ризик за геноцид. Меѓународниот суд на правдата, како и Обединетите нации и уште неколку супранационални тела веќе констатираа дека Палестинците во Газа се изложени на сериозен ризик од геноцид, што ја активира обврската на сите држави, меѓу нив и Македонија, да преземат мерки за спречување.
Една таква мерка е дипломатското признавање на Палестина, со кое се зацврстува правото на палестинскиот народ на самоопределување и меѓународна заштита. Спротивното значи де факто поддршка на апартхејд, окупација и систематско уништување на народот.
Потсетуваме, Македонија во периодот 2025-2026 е избрана како членка на Советот на човекови права на Обединети Нации каде нивна должност е на мултилатерално ниво е да ги евидентираат и да реагираат за прекршоците на човекови права. Дали има поголемо прекршување на човековите права од геноцид?
Да се каже дека сме „длабоко загрижени“ додека не преземаме ништо е чиста хипокризија. Македонскиот народ знае што значи да се живее под доминација и да се води борба за самоопределување. Нашата антифашистичка борба беше поддржана со меѓународна солидарност. Одбивањето да се признае Палестина значи да застанеме на страната на угнетувачот, а не на угнетениот – предавство на антифашистичкото и антиколонијално наследство на нашите партизани.
Муцунски признава дека позицијата на Македонија се диктира од „стратешките партнери“ како САД – држава која ја вооружува и поддржува израелската окупација. Тоа не е дисциплина, туку покорност на туѓи интереси. Во исто време, неколку европски земји (Шпанија, Ирска, Норвешка, Словенија) ја признаа Палестина. Шпанија и Колумбија презедоа активни мерки и санкции за да го спречат геноцидот. Дали нивната одлука е „импулсивна“? Италија испрати поморска помош за Глобалната Сумуд Флотила хуманитарна цивилна мисија, која Израел ја бомбардираше три пати во последниве две недели.
Потсетуваме дека како дел од СФРЈ, Македонија во 1988 година веќе учествуваше во признавањето на палестинската држава, кога академикот Луан Старова беше назначен за прв југословенски амбасадор во Палестина. Ова прашање има историски и културен континуитет за нас. Затоа бараме Владата и Министерството за надворешни работи:
-
Итно да ја признае Палестина и да се приклучи на мнозинството држави кои веќе ја признаа.
-
Да ги прекине дипломатските односи со држави кои активно овозможуваат геноцид.
-
Да воведе санкции против Израел – економски, образовни и културни. Исто како што воведе против Русија.
-
Да покаже дека Македонија е суверена држава што ги брани принципите на ООН, човековите права и меѓународното право.
Молкот и неодлучноста не се дисциплина. Тие се срам за меѓународната репутација на Македонија и соучесништво во едно од најголемите историски злосторства, стои во реакцијата.