Сите погледи насочени кон декември , ЕУ да го препознае постигнатото на земјава
Германското претседателство со Европската Унија ќе продолжи да работи на тоа да се одржи прва меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија во декември и треба да се направат напори за остварување на оваа историска одлука на ЕУ. Унијата треба да го препознае она што го постигна земјава во изминатите три и пол години. Ова се пораките што вчера ги упатија високи државни претставници по повод овонеделната бугарска блокада, дека земјава продолжува да работи до последен момент за изнаоѓање решение со Бугарија, без да се доведе во прашање јазикот и идентитетот.
-Треба да се направат сите напори за операционализирање на историската одлука на Европската Унија за отворање преговори со Северна Македонија, со цел одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на 2020 година за време на германското претседателство со ЕУ, се согласија вчера на средба премиерот Зоран Заев и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Премиерот Заев подвлече дека Владата е цврсто посветена на својата агенда за интеграција во Европската Унија, што е стратешка цел на земјата, при што додаде дека заклучоците на Советот на ЕУ од март 2020 година, потврдија дека земјата е подготвена да ги отвори пристапните преговори со ЕУ.
Амбасадорот Гир исто така ја истакна важноста на постојаните напори за решавање на отворените билатерални прашања и ја поздрави заложбата на Владата да продолжи да напредува во спроведувањето на реформите поврзани со Европската Унија, кои пред сѐ, се во интерес на сите граѓани, но и важни за приближување на Северна Македонија кон ЕУ.
Премиерот Заев и амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Брнз на вчерашната средба констатираа дека двете држави посакуваат преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија да започнат до крајот на годинава, како влог во стабилност на регионот и како важен процес за обезбедувањето просперитет за граѓаните.
Според Заев и Брнз, решавањето на билатералните прашања треба да остане надвор од преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ, а секое противење или оневозможување на овој процес е на директна штета на кохезијата на трансатлантското семејство на народи и спротивно на интересите за стабилност и демократија во регионот.
Пендаровски вели дека политиката на Бугарија за блокирање на земјава во напредокот за членство во Европската унија не е поддржана од ниту една земја членка. Информациите коишто ги имаме од Брисел, како што потенцира, велат дека ниту една земја или државник не го поддржува ветото од официјална Софија, за старт на отпочнување на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во меѓувреме во интервју за виенски „Стандард“ рече дека денот кога Бугарија стави вето за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија не беше добар, ниту за Европа, ниту за европската перспектива на нашиот регион, а особено не за нас.
Тој потенцира дека бугарското вето испраќа многу лош сигнал за регионот на Западен Балкан дека ЕУ не го препозна она што досега го постигна земјава, која во последните три и пол години ги реши проблемите со соседите, направи големи чекори кон отворено, демократско и мултиетничко општество и спроведе реформи за изградба на правна држава.
Сепак, според Димитров, сега сакаме да го спречиме очајот и национализмот и затоа и доколку не можеме да го одблокираме бугарското вето, се свртуваме кон пријателските држави од Унијата, за да можеме да ги постигнеме европските стандарди без процесот на пристапување кон ЕУ.
– Ако нашиот процес на пристапување се сведе толку многу на билатерален проблем што дискусиите за историјата ќе станат поважни од борбата против корупцијата, независноста на судството, функционирањето на демократските институции, слободата на медиумите, околината и енергијата, тогаш тоа не е процес кој европеизира, туку процес кој балканизира. Затоа нам ни е потребна реформска агенда со мрежа на пријатели кои се тука да ни помогнат и мораме да си поставиме јасни цели и да работиме на нив. Бидејќи не би требало да губиме време, вели Димитров.
Вицепремиерот нагласува дека земјава не се откажува од разговари со Софија, но потенцира дека нема да преговараме за тоа кои сме и кој јазик го говориме.
– Тоа е дел од еден историски процес, а не политичка одлука. Ние му ја должиме на нашиот народ заштитата на своето достоинство и идентитет, истакнува Димитров, додавајќи во Европа во 21 век не би требало да има простор за ваква расправа, бидејќи нашиот јазик е наша работа, а ставањето под знак прашалник на јазикот и идентитетот на соседот не е добрососедство, а во 2020 година не е ни пристојно.
Вицепремиерот за евроинтеграција потенцира дека тоа „кои сме ние – имено Македонци – и кој јазик го говориме – имено македонски“ – е всушност внатрешно прашање и прашање на самоопределба.
– Тешко е да се разбере дека во член 3 од Договорот од Лисабон, ЕУ го признава почитувањето на културната и јазичната разноликост, а истовремено македонскиот јазик претставува пречка за почеток на пристапни преговори. Ова не е предизвик само за нас, туку и за Европската Унија како заедница на вредности. Овде, во региониот, ние имаме богата историја, но очигледно не успеваме да создадеме доволно иднина, истакнува Димитров.
Тој потесетува дека со Договорот со Бугарија беше формирана Мешовита комисија од историчари, кои треба да расправаат за историски прашања, но, како што нагласува, во последните неколку недели и месеци расправата за историските прашања стана доминантна и го поткопува политичкиот процес и меѓусебните односи.
– Бугарските историчари ги отфрлуваа оние извештаи во кои се појавуваше придавката „македонски“. И така ова прашање на идентитет стана пречка во работата на Комисијата. Но искрено: доколку совршениот договор на сите страни за историските прашања би бил предуслов, тогаш Европската Унија никогаш немало ни да се создаде. Во модерната наука концептот на „историска вистина“ е застарен. Сега се говори за мултиперспективизам. При пристапувањето треба исто така да станува збор за тоа, за усвојување на правото на Заедницата и европските принципи, а не централно прашање да биде историјата, истакнува вицепремиерот за европски прашања.
Димитров нагласува дека земјава има огромна поддршка за старт на пристапните преговори, додавајќи дека германското претседателство со Унијата ќе продолжи да работи на тоа да се одржи прва меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија во декември.
Словенечката европратеничка Тања Фајон за белградскиот весник „Данас“ истакна дека ЕУ не може повторно да ја изневери Северна Македонија, која повеќе пати потврди дека за неа нема алтернатива на патот кон ЕУ и на добрососедските односи со Бугарија.
– Не можеме повторно да ги изневериме. Ние мора да најдеме решение со Бугарија во духот на дијалогот и да ја вратиме нивната доверба во овој процес. Земјите членки имаат уште една можност да одлучат до крајот на годината и да ја отворат вратата на ЕУ за нашите пријатели од Северна Македонија, бидејќи тие тоа го заслужија, вели Фајон, која е претседател на Комитетот за стабилизација и асоцијација на Европскиот парламент.
Според бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија Илхан Ќучук треба да се искористи Договорот за добрососедство како шанса да се најде начин нашата земја да ги почне преговорите со ЕУ бидејќи поддршката од германското претседателство нема да се повтори од следниот претседавач Португалија и тоа може да доведе до застој на Македонија со големи последици.
Ќучук за емисијата Еврофокус на телевизија Телма вели дека начин има, само треба волја потенцирајќи дека се друго освен почеток на преговори ќе биде пораз на европските политики на Балканот.
-Договорот од 2017 година го гледам како процес. Многу пати Договорот од Преспа се споредува со договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија од 2017 година. Тие се многу различни. Решаваат многу различен вид проблеми. Додека Договорот со Грција става крај, става точка на еден процес кој бил во минатото. И тој во голем степен ги решава билатералните прашања, истакна Ќучук.
Портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на брифингот со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали Грција, како што беше случај по француското вето за Северна Македонија, размислува и сега, по бугарската блокада да преземе конкретни иницијативи, ја повтори поддршката и позицијата на Грција од Солунската агенда до денес во однос на европската перспектива на земјите од регионот.
Папајоану повтори дека Грција речиси 20 години има непроменета позиција за ЕУ иднината на Западен Балкан.
– Имаме кажано дека секогаш врз основа на исполнетоста на условите, ја поддржуваме европската перспектива. Исто така, имаме кажано дека сакаме да го помогнеме интегративниот тек на овие земји, бидејќи веруваме дека нивната интеграција ќе помогне во пошироката стабилност на регионот и оваа позиција и до денес важи и ќе продолжи да важи. Ова е нашата цврста позиција, ова го следиме, објасни Папајоану.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали договорите поврзани со историски, јазични или идентитетски теми треба да бидат предуслов за почеток на пристани преговори и за проширувањето на ЕУ, портпаролот на грчкото МНР посочи дека од Европскиот совет во Копенхаген во 1993 поставени се политичките и економските критериуми врз основа на кои една земја може да биде кандидат за членство.