Сите општини ги губат младите, само Липково со 2 отсто зголемување

Во Пописот од 2002 година вкупниот број на млади изнесува 24 отсто, а сега според пописот од 2021 година тие се 18 проценти


Фото: Б. Грданоски

 

Бројот на младите меѓу двата пописи, оној од 2002 и последниот од 2021 година, се намалил за шест отсто покажаа анализите од  „Младите и пописот на населението“ и „Финансирање на младинските политики“ кои денеска беа промовирани во рамки на конференцијата „Младински состојби и финансирање на младинските политики во Северна Македонија”, организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД). 

Според Законот за млади, 0,3 отсто од вкупниот буџет на државата треба да се издвои за спроведување на политики за млади, како и 0,1 отсто од буџетот на секоја општина, но тоа не се случува во пракса, потенцираат истражувачите. Тие сугерираат и дека Агенцијата за млади и спорт, која располага со овој буџет, повеќе пари наменува за спорт, отколку за спроведување на политики за млади

„Буџетот за млади е занемарлив во однос на буџетот кој се издвојува за спорт. Со законот секоја локална младинска самоуправа требаше да има формирано локален младински совет, но се формирани во само шест, од вкупно 81 локална самоуправа. За жал, младите во само осум општини можат да одат и да посетат младински центар затоа што во другите не постојат“ – вели
Дона Костуранова, директор во Фондација за демократија на Вестминстер.

Таа смета дека ако сакаме да ги задржиме младите во земјата, да им понудиме можности и иднина, мора да се инвестира во политики за млади и подобрување на нивниот квалитет на живот.

„Буџетот за млади, односно средствата со кои располага Агенцијата за млади и спорт, а се наменети за млади, не се наменети за спорт се многу мал дел од вкупните расходи на агенцијата и тука сметаме дека треба да се зајакнат капацитетите како финасиски, така останатите капацитети на Агенцијата. Голем дел од телата и сервисите наменети за младите не постојат, не е донесена стратегија за млади, не функционира советодавно тело, не постои истражувачки центар, а ова се сервиси и тела кои законот ги предвидува. Дел од причините заради ваквата состојба е тоа што Законот за млади не содржи рокови во којшто општините треба да ги исполнат обврските“, вели – Катерина Шапкова-Коцевска, автор на студијата за „Финансирање на младинските политики“.

 

Наумче Мојсоски, директор на Агенцијата за млади и спорт, најави измени на Законот за млади, а се прави и национална стратегија, во која се вклучени сите страни. 

„Ова што ни се случува со иселувањето се надевам дека со наша помош и со помош на сите млади, се надевам дека ќе се намали“, вели Мојсоски.

Тој вели дека буџетот што се издвојува за млади од 5 отсто, колку што се издвојувало преку Агенцијата за млади и спорт, откако тој е директор, се зголемува на 20 отсто, а ќе расте и понатаму. Уште еднаш апелираше, Агенцијата за млади и спорт да прерасне во министерство, за подобро спроведување на политиките. 

Петар Бардакоски претседател на Младински образовен форум, еден од авторите на анализата за млади и попис, вели дека она што оваа анализа го покажува е тоа дека Македонија има сериозен проблем кога станува збор за младинската миграција, задржување на младинското население, но и општото стареење на самото население.

 

„Според она што го увидовме  кога би направиле споредба со Пописот од 2002 година вкупниот број на млади изнесува 24 отсто, а сега според пописот од 2021 година, се 18 проценти, што претставува пад од 6 отсто. Дури 77.000 млади луѓе кои биле родени во оваа држава повеќе не се резиденти. Имаме огромен пад на младинското население во општините, речиси сите бележат пад на младинското население, освен Општина Липково каде што имаме пораст од 2 проценти. Од вкупниот број, 58 проценти од младите луѓе во државата живеат во урбани средини, додека 42 отсто живеат во рурални средини“, вели Бардакоски.

Според него, она што треба да го направи државата за да ја спречи младинската миграција е да донесе долгорочна стратегија. Промоцијата се одржува во чест на  Меѓународниот ден на младите.