Сите обвинители од СЈО ќе „пеат“ за „Рекет“?
Обвинителот кој го води случајот „Поштенска банка“, Бурим Рустеми е третиот обвинител од Специјалното јавно обвинителство кој ќе оди да даде исказ пред своите колеги од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Обвинителката Вилма Русковска вчера се врати од одмор и, според нашите неофицијални информации, наводно на распит ќе ги повика сите обвинители од СЈО кои треба да кажат сѐ што знаат за случајот „Рекет“ во кој е вмешана, но се уште не е осомничена нивната шефица Катица Јанева.
Рустеми треба да биде присутен на утрешното судење за ТНТ, предмет кој го застапува тој. Ако судењето не се одложи распитот ќе се одложи за во петок. Освен Рустеми во Обвинителство е повикана и шефицата на Кабинетот на Јанева која ја придружува на сите јавни настани.
Јанева во понеделникот се врати од одмор и се соочи со своите колеги пред кои тврдела дека била злоупотребена и дека не зела никакви пари. Сепак во овие околности вработени велат дека е тешко и мачно во Специјалното јавно обвинителство, институцијата која требаше да ја донесе правдата, но се фати во рекетарска мрежа. И по еден месец откако е отворена аферата, Јанева се уште не повикана во Обвинителството да даде исказ, така што најверојатно ќе ја повикаат наредната недела. Иако Русковска се врати од одмор, од таму нема никакви детали за текот на истрагата, освен едно штуро соопштение во кое велат дека нема да кажуваат кој, кога ќе биде викнат на распит.
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во интерес на постапката нема однапред да споделува информации за дејствијата што ги презема во предметот, па така и за лицата што ги повикало или има во план да ги повика да дадат исказ. Со оглед на тоа дека се работи за предмет што предизвика голем интерес во јавноста, обвинителството во рамките на можностите ќе продолжи и понатаму да ги споделува сите информации што нема да наштетат на понатамошната постапка“, велат од таму. Каде се милионите кои биле понудени или изнудени уште нема информации, но од Обвинителството тврдат дека финансиската истрага е во тек и дека се прибира доказен материјал.
„Дел од одземените електронски уреди се вештачат, а за дел се прават напори за декриптирање на пронајдените содржини“, дополнуваат од Обвинителството.
Не одговараат на прашањето дали сега, откако во јавноста се пуштија снимки од разговорите меѓу осомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 и бизнисменот Орце Камчев, во кој е очигледно дека Камчев нуди пари да си ја купи слободата, а не е рекетиран, богатиот бизнисмен се уште ќе биде третиран како сведок – жртва или ќе има некаква кривична одговорност и за него, со оглед на тоа дека дава поткуп. Премиерот Зоран Заев, кој цело време бара секој којшто се огрешил пред законот да одговара, прв пат индиректно „удри“ и по Камчев.
„Потсетувам дека прв го пријавив случајот, и во тоа својство, и како граѓанин и како премиер имам целосно право да барам сите замешани во случајот кои прекршиле закон да си одговараат со соодветни казни, во транспарентна правосудна постапка. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сѐ да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви“, рече Заев во интервју за МИА.
Досега исказ во Обвинителство за „Рекет“ имаат дадено двете обвинителки од СЈО, Елизабета Јосифовска која по наредба на Јанева го потпишала решението да му биде вратен пасошот на Камчев. Завчера исказ даде и обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“ во кој првоосомничен е Камчев. Стефанова пет часа даваше исказ за поврзаноста на „Империја“ и „Рекет“, но пред медиумите не откри што кажала внатре. Таа останува на нејзината писмена изјава во која откри дека Јанева им наложила на обвинителите кои ги водат „Империја“ и „Поштенска банка“ до 6 мај до неа да достават писмени извештаи за штетата во двата предмети. Јанева барала предметите да бидат затворени, осомничените да ја платат штетата и да не одат во затвор. Но, обвинителите изготвиле извештаји во кои ги навеле можните затворски казни, а Стефанова не се согласила да да биде направена спогодба за „Империја“ бидејќи предметот бил во рана фаза. Веднаш по овој колегиум, Камчев го пријавува случајот кај Заев, а после во Обвинителство.
Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека Кривичниот закон предвидува вакви спогодби, но вели за нив мора да има контрола.
„Законот за кривична постапка предвидува спогодба со признание на вина, но треба двете странки да прифатат и да одобри судија. Оваа спогодба оди и на реферириње кај вишиот јавен обвинител. Но, Катица Јанева нема контрола, таа е и обвинител и судија“, вели Давидовиќ.
Предметите „Поштенска банка“ и „Империја“ се најсомнителите предмети што обвинителството ги отвори по спорниот рок. Камчев и други осомничени му давале милиони на Боки 13 за да се спасат од затвор, а обвинителката Јанева на снимките го убедува Камчев дека се ќе биде во ред. Во овие случаи прво се манипулирало со замрзнатиот имот, а обвинителот Рустеми треба да разјасни зошто дел од имотите во случајот „Поштенска банка“ не бил замрзнат.
Наводно, Јанева не замрзнала стан во сопственост на нејзиниот сограѓанин обвинет во случајот, а потоа истиот стан го купил блискиот пријател на Јанева, Сашо Василевски, поранешен директор на МЕПСО.
Фросина Факова-Серафиновиќ