Сите најавуваат претставки за стопирање на ДУП-от за Ѓорче Петров
Повеќе од 30 згради, индустриски објекти, трговски единици на огромни површини и повеќе од 10.000 нови жители треба да добие дел од Општината Ѓорче Петров, спроти пазарот, откако советниците на саботната седница го изгрласаа новиот ДУП за градска четврт СЗ 16.
Реакции на овој урбанизстички план стигаат речиси од сите засегнати страни, но и од политичките партии.
Општина Карпош како една од позасегнатите, затоа што граничи токму со овој дел од Ѓорче Петров, планира да го оспори ДУП-от пред Уставен суд.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски ја доби мнозинската поддршка од 15 советници од Карпош, според која тој и стручните служби на општината ќе поведат постапка пред Уставен суд, за оспорување на предметниот ДУП СЗ 16 кој неодамна го донесе Општина Ѓорче Петров.
Поточно, станува збор за плански опфат кој граничи со општина Карпош на потегот кај населбата Влае, во чија околина се планира изградба на три хемиски фабрики, кои би биле лоцирани во непосредна близина на бунарското подрачје Лепенец – Вардар. По проценките на стручните лица, отпадните води од тие хемиски капацитети ќе завршат на територија на Општина Карпош, што претставува закана по здравјето на населението кое живее во тој реон.
„Додека градоначалникот Стојковски на Општина Ѓорче Петров ја обезбедува Општината за една декада, ја уништува Општина Карпош доживотно. Со новиот катастрофален и експресен ДУП на Општина Ѓорче Петров, се доведува во прашање здравјето на граѓаните на Општина Карпош, воедно и на Град Скопје со поставување на три хемиски фабрики во непосредна близина на бунарското подрачје Лепенец“, изјави Владимир Бислимовски, советник во Советот на Општина Карпош од редовите на СДСМ.
„На товар на инфраструктурата на Општина Карпош се и новите 7.000 до 10.000 жители, односно дополнително оптеретување на сообраќајот како и водоводните и канализационите мрежи во Општината. Советничката група на СДСМ во Општина Карпош најстрого го осудува носењето на овој ДУП и застанува на страна на граѓаните на општината, ќе ги употребиме сите правни основи за стопирање на истиот“, рече Бислимовски.
Од Левица пак, сметаат дека ДУП-от градска четврт СЗ 16 кој се наоѓа на границата помеѓу општина Ѓорче Петров и Општина Карпое катаклизмички, урбанистички, односно бетониран токсичен план, кој е исклучуво во интерес на политичките елити од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и во интерес на апетитите на инвеститорите.
Дарја Мустафаоглу, советнична на Левица во Општина Ѓорче Петров, рече дека токму за ова место во саботата градоначалникот Стојкоски, советниците од ДПМНЕ и коалицијата, а помогнати од министерствата со кои раководи СДСМ, шверцерски протнле ДУП, кој предвидува над триесет нови згради на овој поток, од кои повеќето се висококатници. Според нив, Имер Селмани треба да гради дваесет и седумнаесет катници и ќе оствари профит од фантастични 240 милиони евра.
„Но, во предвидените над триесет станбени згради, односно 7, 9, 12, 14, 17 и 20 катници, на Општина Ѓорче Петров ќе и донесат 10 000 нови жители и 2675 возила. Значи, иако се планирани нова градинка и ново училиште, тие ќе бидат недоволни да им понудат услуга. На моменталната бројка на дечиња кои чекаат во општина Ѓорче Петров, а не, пак, на децата на семејствата кои ќе бидат вселени во новите бетонски чудовишта. Дополнително, градинката и училиштето, согласно новодонесениот ДУП, би биле во близина на хемиски фабрики во кои, според нашите информации, би се произведувала козметика, средства за хигиена, средства за чистење, солна киселина, варикина и антибиотици. Овие фабрики се предвидени врз главниот цевковод и постои опасност од хаварија, односно опасност цело Скопје да остане без вода“, додаде Мустафаоглу.
Од Левица подготвиле претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, со која се бара да се запре примената на одлуката на овој ДУП поради повреда на законитоста и постапката при донесувањето.
Вчера и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска најави претставка до Уставниот суд.
Забелешки на овој ДУП имаа и други невладини здруженија и поборници за екологија и хумано урбано живеење.
Кратка историја за ДУП-от во Ѓорче Петров – кој добива, а кој губи?