Сите европски производители на автомобили ги затворија фабриките

Заклучувањето на европските земји ги наруши глобалните синџири на снабдување и драматично ја намали побарувачка

Затворањето на македонските погони на „Кромберг и Шуберт“ и „Дрекслмаер“ изгледа навистина непријатно, но тоа е дел од постапките на автомобилската индустрија во цела Европа. Речиси сите големи производители ја запреа својата работа и работниците се пратени на принуден одмор додека трае кризата со корона вирусот. Во најдобрите случаи некаде е само намалено производството. Во петокот шведскиот гигант „Волво“ објави дека ја затвора својата фабрика, последната од таква големина во Европа, од 26 март.

Заклучувањето на европските земји ги наруши глобалните синџири на снабдување и драматично ја намали побарувачка, која сега речиси и да ја нема. Во таа слика се врамени и двете макдонски фабрики за автомобилски делови, без нивна вина.

Во Британија својата работа ја прекинаа фабриките на „Јагуар“ и „Бентли“. Таму уште „Астон Мартин“ размислува какви мерки да преземе. „Пежо“, „Нисан“, „Хонда“, БМВ и „Тојота“ ги затворија сите свои фабрики во Европа, водејќи се главно од грижата за здравјето на своите работници.

Сопствениците на „Опел“, „Пежо“, „Нисан“, „Хонда“, „БМВ“ и „Тојота“ го прекинаа производството во различни фабрики во Европа. Но не се само тие. Истото го направија и „Фолксваген“, „Мерцедес-Бенц“, „Фијат-Крајслер“ и „Рено“.

Новинарите во големите европски медиуми ги пренесуваат дилемите на сопствениците – дали по секоја цена да го одржат производството и да ризикуваат ширење на епидемијата низ нивните погони (а со тоа и десеткување на квалификуваната работна рака) или принудно да ги затворат фабриките по цена на големи загуби, но да се зачува здравјето на вработените. Очигледно, тие се одлучуваат за второво. (Н.В.)