Сите членови на ДИК освен Дерковски бараат нов мандат


Фото: Б. Грданоски

Пет од вкупно седум членови на досегашниот состав на Државната изборна комисија се кандидирале за нов мандат, на огласот што минатиот месец го распиша Собранието.

Меѓу 14 кандидати што ги утврди денеска собраниската Комисија за избори и именувања, од досегашните членови на ДИК го нема само претседателот Оливер Дерковски, за чие место се предлага Александар Даштевски.

Не е пријавен и  Енвер Саљихи од Беса, која сега, како нова владејачка партија, го изгуби правото да има член во ДИК и нејзиното место ќе го заземе кндидат на  Алијансата на Албанците.

Сите тројца досегашните членови од редовите на СДСМ, Јанакие Витановски, Радица Ристеска, како и Борис Кондарко,  се кандидирале за нов мандат, а ним им се приклучува доскорешниот заменик-министер за правда Оливер Ристовски.Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, ќе проба да добие нов мандат, како и Дитмире Шеку од ДУИ, која досега беше потпретседателка на ДИК. На листата на кандидати е и Бојан Стојаноски, вработен во парламентот, кој се споменува како можен предлог на ВМРО-ДПМНЕ за член на ДИК.На огласот се пријавиле и Љупка Гугучевска, портпаролка на Комисијата и Бети Ѓоргиевска, вработена во ДИК. Преостанатите кандидати се Бесире Мјаки, професор во средно училиште; Димитар Спасески, политиколог; Кренар Лога, правник од Струга и Зоран Михајловски, правник од Охрид. Половина од кандидатите ќе отпаднат при изборот.