Сите бои на есента (галерија)
Есента нѐ дарува со раскошни бои. Природата, на заминување, нѐ поздравува со прекрасни глетки, особено ако се наоѓаме во парк.
Зелената боја им отстапува место на сончевите – црвена, кафеава, жолта, портокалова. Онака како што природата знае да ги спакува даваат чувство на спокој и мир.

Секој што деновиве се затекна случајно во Градскиот парк во Скопје, или намерно тргнал таму, имаше можност да го почувствува есенското сонце на својата кожа. Мирната езерска површина, одвреме – навреме, нарушена од пливањето на патките, нуди задоволство на набљудувачите.
Оние поактивните, трчаат по трим-патеките, некои играа пинг-понг, а некои само уживаа во есенската идила, седнати на земја или на клупите.

Нема уште многу вакви денови кои оваа есен ќе ги понуди на скопјани.
Уште од денеска, во утринските часови по одделни котлини и речни долини има појава на магла и ниска облачност. Дува слаб до умерен југозападен ветер, кој во западните делови повремено ќе засилува.
Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 22 степени.
И во Скопје утрото на некои места донесе магла, а преку денот со локална облачност и слаб до умерен југозападен ветер. Дневната температура треба да достигне до 20 степени.

До петок ќе се задржи стабилно и релативно топло време. По котлините и речните долини ќе има појава на утринска магла и ниска облачност. Од сабота ќе има повремен дожд претежно во западните делови, а во недела со врнежите од дожд ќе дува и засилен северозападен ветер. Дневната температура од недела ќе биде пониска.
Затоа, одвојте малку време за прошетка во Градскиот парк. Нема да згрешите.
Фото: Б. Грданоски
Погледнете ја галеријата :
