Сириза: Мицотакис ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија, а не ги ратификува техничките договори


На денешната неформална средба во Атина грчките власти да претстават конкретни иницијативи за пристапната перспектива на Западен Балкан во ЕУ, наместо средбата да биде можност за уште еден пи-ар, очекува грчката опозициска партија Сириза во пресрет на средбата која ја организира премиерот Киријакос Мицотакис, а на која ќе присуствуваат лидерите од земјите од регионот. Од Сириза го оценија како лицемерен потегот на грчкиот премиер Мицотакис за истакнување на важноста на европската перспектива на Западен Балкан во момент кога, како што додаваат од партијата, систематски молчи оти оваа перспектива се одмрзна во 2018 година и постои благодарение на Договорот од Преспа.

„Потсетуваме дека господинот Мицотакис е единствениот европски премиер кој од една страна ја повикува ЕУ да продолжи со интеграцијата на Северна Македонија (и сите земји од Западен Балкан) за помалку од десет години, додека од друга страна одбива да ги ратификува трите технички договори со соседната земја. Тој е премиерот кој од една страна не го кани премиерот на Албанија поради случајот Белери, но од друга страна пред неколку месеци со него одржуваше фиести во малцинските села во Албанија разменувајќи предизборни комплименти“,соопштија од Сириза. Оттаму обвинија оти грчката влада има недостиг од стратегија во надворешната политика, а особено недостиг на кохерентна стратегија за Балканот во корист на интересите на Грција. 

Проширувањето на Европската Унија и европската иднина на регионот ќе бидат во фокус на денешната неформална вечера на лидерите од земјите Западен Балкан во Атина што ја организира грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ-Западен Балкан и Декларацијата од Солун.

Иницијативата на грчкиот премиер за средба на лидерите од регионот, како што брифираат грчки владини извори, ја означува „водечката улога на Грција како столб на стабилноста, мирот и енергетската безбедност на Балканот и Југоисточна Европа“.