Грците најдоа како да го заобиколат карантинот – испратиле над еден милион смс пораки за спортување


За време на карантинот во Грција, граѓаните имаат опција да испратат смс порака за физичка активност или прошетка на милениче, а конкретниот код, синоќа го искористиле над еден милион Грци, откри денеска портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас јави дописничката на МИА од Атина

-Она што не сакаме да видиме е да се заобиколуваат мерки. Како на пример, синоќа по 21 часот, беше констатирано дека биле испратени над еден милион пораки, за спортување или сличен вид активности. Сите сфаќаме дека ова е обид за заобиколување на мерките. На ова заобиколување ќе му се спротивстават контролите, кои што ќе бидат проширени, ќе бидат строги, казната е зголемена, рече Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите и ги повика сите да се придржуваат до мерките.

За граѓаните не постои ограничување на бројот на испратени смс пораки, кои се наменети за шест есенцијални потреби: посета на лекар; посета на супермаркет или продавница за храна; посета на банка или јавна служба (кога не е можно барањата да се извршат електронски), посета на лице на кое му треба помош или грижа; присуство на погреб и последната, веројатно најкористената причина: физичка активност (индивидуално или по две лица) или прошетка на милениче.

Според грчката државна телевизија ЕРТ, за само 24 часа, на првиот ден од карантинот, во саботата биле испратени околу 4,7 милиони смс пораки.

Грците имаат три опции како да го оправдаат нивното излегување од дома, со смс порака, со пополнување формулар или своерачно напишана потврда.