Сиљановска: Никогаш нема да прежалам дека во мој мандат се случи Кочани


Да престанеме со импровизации, да градиме стандарди, да не бидеме специфични, да не бидеме оригинални, во демократија оригиналност не е потребна, предвреме да се подготвиме, не секогаш постфестум да реагираме, да учиме уште од градинка како да се однесуваме кон заканите, кон катастрофите. Така ќе бидеме подготвени, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова во изјава на Канал 5 за време на донаторската вечер за семејствата на настраданите од трагедијата во Кочани.

„Мојата порака е да ги оставиме конфликтите, недоразбирањата, уште малку да се воздржиме за да ги решиме овие најголеми проблеми што се појавуваат, да сториме сè за да не дозволиме вакво нешто повторно да се случи. Да извлечеме поуки за функционалното, нефункционалното, да градиме здрав систем, функционален. Не е важно кој ќе биде на власт. Мојата порака е да ја санкционираме неодговорноста секогаш кога треба, да ги инспирираме младите, да ги задржиме, да возвратиме на помошта со помош, да изградиме подобар свет и дома и во соседството и надвор“, порача Сиљановска.

Според неа, во тагата, во несреќата ние се концентрираме на најважните предизвици, а тоа покажува дека она за што се расправаме е споредно и дека ако се однесуваме како луѓе, човечки ќе ги решаваме сите работи.

– Никогаш нема да прежалам дека во мој мандат се случило ова. Тоа е не само моја политичка и лична траума, тоа е национална траума – додаде претседателката.

Она што ја изненадило била меѓусоседската и европската солидарност, но исто така дека и домашниот одговор бил соодветен.

– Би сакала на сите да ви се заблагодарам за човечкиот однос. Мислам дека нашите новинари деновиве, особено во оној ужасен ден на закопот се однесуваа достоинствено, мислам дека и политичките партии се однесуваа достоинствено, мислам дека луѓето се однесуваа достоинствено и децата се однесуваа возрасно – рече претседателката.

На прашањето  дали изразила сочувство до семејствата на загинатите и дали ги контактирала, таа рече дека не сака да одговара на тоа, но дека била во Кочани, дека била во сите болници… но подалеку од очите на јавноста.

– Апсолутно, и кажувам дека тоа е однос меѓу мене и меѓу луѓето на кои им треба човечки збор, збор на мајка, а статусот претседател нема никаква врска. Најдобрата работа што ја направивме е толку многу луѓе да заминат надвор. Тоа беше постигнато уште утрото со лекарите заедно кога од сите страни веќе доаѓаа повредени и кога ние свативме дека многу подобро е да ги убедиме луѓето да заминат надвор бидејќи ни најголема држава не може да се справи со ваков проблем, а не ние – рече Сиљановска Давкова.

ТВ Канал 5 вечерва организира донаторска вечер со телефински јавувања, на која учество земаа премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, министри, претставници на политички партии, луѓе од јавниот и општествениот живот.