Синедејс од јули се сели во декември


Ланското летно издание

Наместо во јули, 24. издание на Фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје, во организација на МКЦ ќе се одржи во декември.

Поместувањето е направено бидејќи доцна ги добиле резултатите за одобрените пари од Агенцијата за филм. Оттаму велат дека Конкурсот за поддршка на фестивалите бил распишан со два месеца задоцнување, во февруари оваа година. Резултатите од Агенцијата беа објавени дури во мај. Тоа остава простор од само еден месец за планирање на програмата, трошоците, покана на гости и планирање за реализација на буџетот.

Сѐ до короната, Синедејс вообичаено се одржуваше во ноември. Поради рестрикциите и мерките, Синедејс од 2020 беше преместен да се одржува во летниот период.

Сега, декември е одбран намерно, бидејќи сите фестивали во Македонија, вклучително и останатите фестивали во организација на МКЦ како Здраво млади и 50-годишнината од фестивалот Млад отворен театар (МОТ), се одржуваат во периодот од септември до ноември, велат од МКЦ.