Синџирот за брза храна KFC по 95 години се сели од Кентаки во Тексас

Синџирот за брза храна KFC, познат како Kentucky Fried Chicken, планира да ја напушти државата каде што е основан, откако матичната компанија Yum! Brands објави дека корпоративното седиште на синџирот ќе се пресели од Луисвил, Кентаки, во предградие на Далас, Тексас.
Тоа е значајна промена за 95-годишната компанија која започна во мотел во мало гратче во Кентаки, кога го додаде името на државата на името на еден од сега најпознатите синџири со 30.000 ресторани во 150 земји, јави Си-Ен-Ен, пренесува Танјуг.
Седиштето на KFC во предградието на Далас, Плано, ќе биде до канцелариите на сестринскиот бренд Pizza Hut, што треба да „охрабри поголема соработка меѓу брендовите и вработените“, соопшти компанијата.
KFC нема целосно да го напушти своето родно место, бидејќи има планови да изгради нов „прв водечки ресторан“ во Луисвил.
Веста за заминувањето го налути гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар, кој рече дека е „разочаран од оваа одлука“.
„Името на оваа компанија започнува со Кентаки и го промовираше наследството и културата на нашата држава, па се надевам дека KFC ќе го преиспита преместувањето на своите вработени“, додаде Бешеар.
Приближно 100 корпоративни работници во KFC од Луисвил ќе се преселат во Тексас во текот на следните шест месеци, а уште 90 вработени од далечина ќе се преселат во новото комбинирано седиште.
Компанијата со години се мачи кога станува збор за бизнисот, а неодамна објави пад на продажбата од пет проценти во САД, бидејќи ривалите како Попај и Вингстоп привлекуваат повеќе посетители.
KFC се приклучува на растечката листа на компании кои се преселиле во државата Тексас контролирана од републиканците во последниве години, вклучувајќи ги Шеврон, Тесла, Х и Спејс Икс.