Синдикатот на професионални војници ѝ поднесе кривична на Славјанка Петровска


Поради тоа што веќе 11 месеци незаконски е спречено фунционирањето на Независниот синдикат на професионалните војници, тие денеска поднесоа кривична пријава против поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска и најавија дека ќе излезат и на протести пред владата доколку во најбрз можен рок не се одблокира синдикалното здружување кое пак се бори за правата на професионалните војници во Армијата.

Независниот синдикат останал блокиран и по промената на власта и без можност да се решаваат спорните прашања за професионалното служење во македонската армија.

-Независниот синдикат на професионалните војници поднесе кривична пријава против поранешен министер за одбрана со иницијали С.П. поради основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Пријавеното лице во период од 1 декември 2023 година до 28 мај 2024 година го сопре фунционирањето на синдикатот спротивно на законот за работни односи, ја сопре уплатата на членарината спротивно на Колективниот договор на Министерството за одбрана, го замрзна членството и со сето тоа го спречи синдикалното движење на синдикатот и неговото работење за подобрување на правата на работниците во Армијата. Со ваквите постапки се прекршија Законот за работни односи, Колективниот договор, Општиот колективен договор за јавниот секотр и конвенциите на Меѓународната организација на трудот – соопшти Александар Насковски, претседател на Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје.

Според Насковски ниту новиот министер за одбрана Владо Мисалјловски не направил ништо да го одблокира независниот синдикат на професионалните војници, а за проблемот се известени и премиерот и врховниот командант на Армијата, претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

-Се обративме до министерот. 130 дена имаме игнорирање од страна на министерот. Немаме социјален дијалог. Не нѐ повика да ги соопштиме овие проблеми кои се преземени од претходното Министерство, претходниот министер и претходната Влада. Трипати се обративме до премиерот и двапати добивме половичен одговор дека МО треба да ни одговори за проблемите, но Министерството еве никако не одговара. Се обративме до Врховниот командант, претседателката Давкова но не добивме одговор за да ги соопштиме нашите проблеми. Така што ги искористивме сите наши демократски начини како да искомуницираме за да ги решиме проблемите, останува само ако не се разреши ова во најбрз можен рок да излеземе сите на протести, а војниците имаат многу причини поради кои треба да излезат на протести – рече Насковски.

Ако не се седне наскоро на маса и не продолжи социјалниот дијалог со синдикатот, кон протестот на професионалните војници ќе се приклучат и поранешните припадници на Армијата. Синдикалците сметаат дека се потребни итни измени на Законот за служба и на Колективниот договор на МО.

-Секогаш кога професионалните војници ќе побараат права се опструираат од овие структури во МО и Армијата и од дел од другите синдикати. Се надеваме дека министерот веднаш ќе го разреши овој криминал и нема да премолчи пред овие лица кои сè уште се во МО и советуваат претходниот министер да ги направи овие кривични дела. Ако во најбрз рок не се сопре ова блокирање и криминал врз синдикатот во МО, професионалните војници ќе излезат на протести пред владата како во 2009 година. Овој криминал трае цели 11 месеци, треба да има социјален дијалог, а не да се краде и блокира синдикатот. Професионалните војници бараат решавање на нивниот статус, право на пензионирање по 45 година и трансформирање на работниот однос на неопределено време. Факт дека Законот за служба и колективниот договор на МО е дискриминирачки за сите категории вработени покажува незадоволството на професионалните војници кои ни го пренесуваат нивното мислење секојдневно, а исто така и голем дел од старешините, поточно 613 поранешни припадници на Армијата се дискриминирани по однос на условите за пензионирање согласно условите во Колективниот договор и Јубилејната награда.

Пред десетина дена Министерството за правда најави дека се разгледува опцијата за ангажирање на пензионираните војници на АРМ во рамки на затворската полиција за обезбедување на затворите низ државата.