Синдикатот на образование бара две недели онлајн настава, МОН не дозволува


Илустрација

Првите две недели учениците да следат онлајн настава, а ако се намалат големите бројки од ковид позитивни на дневно ниво, да се вратат во училиштата, бараат од Синдикатот за образование за почетокот на второто полугодие, откако Владата одлучи да почне со физичко присуство од први февруари.

Претседателот на СОНК Јаким Неделков за „Канал 5“ вели дека квалитетот од настава во училишните клупи е неспоредлив во однос на учењето пред компјутер, но сепак здравјето, треба да е пред сè.

-Бараме преиспитување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство, вели Неделков.

Но, МОН и владата и овојпат нема да излезат во пресрет на нивното барање.

Според податоците кои МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, до крајот на првото полугодие, процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со КОВИД-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 проценти.

Истовремено, со одлука на Владата, пак, од синоќа е намален и периодот на изолација или карантин за асимптоматските случаи и за лицата кои биле во контакт со заразен.