Синдикатот на културата за новиот директор на Националната галерија: Културата не е квота


Фото: Б. Грданоски

Именувањето на уметникот од Гостивар, Али Синани, кој изминативе 25 години живее и работи во Швајцарија, за нов директор на Националната галерија, предизвика револт меѓу вработените, но и партиски препукувања меѓу ВМРО и опозициската СДСМ за партизација на културата. 

„Избраниот кандидат, по професија ликовен уметник, пред се нема никакво непосредно професионално искуство во музејската дејност како основна дејност на институцијата или соработки кои покажуваат познавање на специфичните аспекти на музејската работа. Воедно, досега нема реализирано ниту еден проект, не само во рамките на Националната галерија, туку и во други релевантни национални установи.  

Со овој избор се загрозува принципот на стручност и објективна проценка, кои се клучни за одговорно раководење со институцијата од национално значење. Наместо транспарентен избор со јасни критериуми, институцијата е доведена во ризик да биде водена од лице без потребно основно познавање на музејската дејност, но и заштитата и конзервацијата кои се составен дел во негувањето и грижата за колекцијата од над 3.300 уметнички дела – движно културно наследство (слики, скулптури, цртежи, графики, икони, етнолошки, библиотечен материјал и др.) и поседува 4 објекти (Даут-пашин амам, Чифте амам и Спомен куќата на Лазар Личеноски – кои се недвижно културно наследство и Мултимедијалниот центар Мала станица). Комплексноста на институцијата од музејски, заштитен и галериски аспект бара раководење од страна на кадар со високо познавање и искуство во заштита, конзервација и музејското работење“, се вели во реакцијата на вработените во НГ.

За СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ ја претвора културата во свој партиски плен, каде неспособноста и непотизмот владеат над професионализмот. „Министерството за култура предводено од Зоран Љутков целосно го урива професионалниот и институционален интегритет на културниот систем во државата. Прво, на чело на Националната филхармонија беше скандалозно поставен Мустафа Имери. Ова назначување предизвика оправдан револт кај стручната јавност и музичката фела .Но наместо повлекување,следуваше нов скандал – за директор на Националната галерија е поставен Али Синани, уметник кој нема ниту ден искуство во музејската дејност, ниту, пак, познавања од управување со институции од ваков калибар“, велат од партијата. 

Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија ваквите обвинувања. Велат дека ако некој направил партизација на МВР во овие 34 години независна Македонија, тоа е СДСМ.

Реакција пристигна и од Синдикатот на културата. Според нив, културата не е квота, а директорите не смеат да се избираат според политичка или етничка припадност, туку според стручност, визија и докажана посветеност.