Синдикалците утре на протест: Мора да има за работниците!


Слободан Трендафилов (Фото: Б. Грданоски)

Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот за синдикати на Македонија, кажа дека утре ќе одржат марш со кој ќе бараат подобрен животен стандард за работниците, преку покачување на платите. Упати порака до ВМРО-ДПМНЕ дека истите барања ќе ги има и да зема 60.000 плата, но и ако зема 300.000 денари плата. Маршот ќе започне во 12:05 минути

„Нападите против лицата кои се раководство на Синдикатите здружени во ССМ нема да променат ништо“, рече Трендафилов.

Тој рече дека пред Собранието ќе упатат порака: „Не може да има за пратениците, а не за работниците“.

Пред Стопанската комора, ќе упатат порака: „Подадената рака од работникот денес, може лесно да стане стисната тупаница“

Порака ќе има и до Владата: „Не може да се одлучува за работниците без работниците“.

Според Трендафилов, политиките кои ги водат креаторите на политиките се против работниците.

„Не ги зголемуваат платите, за да овозможат достоинствени плати на работниците, токму на оние од кои тие земаат плата“, додаде Трендафилов.

Притоа, Трендафилов и порача на ВМРО-ДПМНЕ дека му е гајле што ти е мислат за него.

„Работниците да го поддржат ССМ кој е единствен синдикат кој се бори за повисоки плати. Загрижува тоа што 250.000 работници примаат плати до 32.000 денари. 380.000 работници примаат плата под просечната плата. Нечовечкиот однос кон синдикалните претставници е повреда и на меѓународните конвенции на трудот. Дали ако го нема Слободан Трендафилов, дали ако го нема ССМ, сите ќе си жвееме среќно и весело? Владините функционери да ги симнат розевите наочари со кои гледаат во нивните скапи луксузни кабинети“, посочи Трендафилов.