Симоновски: Нашите пожарникари заслужуваат многу повеќе од тоа што некој мисли дека ништо не работат
Тесните улички, куќите споени една до друга и непристапните влезови во зградите претставуваат проблем за навремено и најсоодветно да се изгасне пожарот. Нашето доаѓање во овие ситуации е како на Бетмен, вели командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски, во интервју за МИА.
– Имаме две возила што се оштетени од влезовите во куќите и зградите, односно при влез во тесни улици или кога имаме куќи споени една до друга. Последна ситуација беше пожарот на улицата „Букурешка“ во Тафталиџе, каде што гореше куќа споена со три други куќи. Ги спасивме сите три куќи, но ни падна покривната конструкција на опожарената куќа. А што ќе се случеше да имаше некој внатре? Истата ситуација ја имавме и во Бутел, каде што изгоре напуштена куќа, а околу неа уште неколку други куќи. Нашето доаѓање во овие куќи е како на Бетмен. Тоа е резултат на непланското градење, но и на несовесноста на населението бидејќи, на пример, никому во зградите не му е гајле дали работи хидрантната мрежа, истакнува Симоновски.
За помошните противпожарни скали во зградите на кои граѓаните оставаат непотребни работи, Симоновски вели дека понекогаш не можат да влезат нормално во влезовите од зградите поради врзани велосипеди на оградите или оставени работи, а камоли по надворешните противпожарни скали.
Од почетокот на годината надмината е вкупната бројка на интервенции, како и бројката на пожари на отворено. Како критичен месец досега Симоновски го посочува март, кога се регистрирани 254 пожари на отворено.
Во интервјуто што ќе биде објавено подоцна, Симоновски открива дека има и случаи кога пожарите се намерно предизвикани, а говори и за пожарот на Скопска Црна Гора, за модернизацијата на противпожарната служба, која е во тек, како и за реализацијата на медикал-службата, која ја најави на почетокот на својот мандат.
За македонските пожарникари, Симоновски вели дека тоа се момчиња за сè, кои заслужуваат многу повеќе од тоа што некој мисли дека ништо не работат.
– Знаеме да употребиме сè и да сработиме сè во секакви ситуации за разлика од британскиот, францускиот или германскиот пожарникар, кој не би работел во ситуации во кои ние работиме со голи раце или со импровизирана опрема. Тие не интервенираат додека не си направат безбедна зона за да се заштитат прво себеси. На пример, не можете на овие пожаникари да им речете со обично јаже да влезат во бунар и да спасат давеник. Тоа нема шанси. Кај нас, нашиот пожарникар влегува со обична униформа во бунар и спасува жена. Повеќето момчиња овде, во Противпожарната бригада на Град Скопје, заслужуваат повеќе од тоа што некој мисли дека ништо не работиме, оценува Симоновски во интервјуто за МИА.