Симон Трпчески со концерт во Софија пред министрите Стефоска и Минеков


Бугарија– Во најпрестижната сала за класична музика „Бугарија“ во Софија, денеска концерт ќе одржат четворица македонски и бугарски изведувачи, кои се дел од Софиската филхармонија. Дел од групата која ќе го одржи концертот, е светски познатиот македонски пијанист Симон Трпчески.

Познатиот бугарски диригент Најден Тодоров ќе диригира на концертот.

Како што јави дописникот на МИА од Бугарија, Трпчески во салата „Бугарија“, освен со Софиската филхармонија, ќе свири и со неговиот сонародник виолинистот Александар Капоски од Операта во Барселона и бугарскиот виолончелист Александар Сомов, кој работи во Филхармонијата во Стразбур.Тие ќе изведуваат троен концерт на Јохан Себастијан Бах.

-За време на концертот ќе биде изведен музичкиот проект „Македонисимо“ со македонска народна музика, изјави Трпчески во Софија за МИА.

Според него, културата е оној вечен мост, кој може да ги обединува луѓето и да им биде потпора во тешките моменти, која ќе им дава сила да продолжат напред.

Според неофицијални податоци на концертот се очекува да присуствуваат министрите за култура на Северна Македонија Ирена Стефоска и на Бугарија Велислав Минеков.

Во саботата вечерта во Културно-информативниот центар во Софија, Трпчески изведе една од познатите македонски песни.