Симеоне има амбициозен план, сака да го ангажира Фернандез од Челзи


Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, изнесе амбициозен план за летниот преоден рок, сакајќи да го доведе аргентинскиот играч за врска на Челзи, Енцо Фернандез (24), објавија денеска британските медиуми, повикувајќи се на шпански извори.

Аргентинскиот интернационалец беше најскапото засилување во историјата на Челзи, кој на Бенфика ѝ плати отштета од 120 милиони евра во јануари 2023 година. Фернандез добро се снајде на „Стемфорд Бриџ“ и стана клучен играч во средниот ред. Оваа сезона, Фернандез досега постигна пет голови и додаде девет асистенции во сите натпреварувања.

Неговиот договор со Челзи е со важност до јуни 2032 година, но во мадридски Атлетико веруваат дека нивната понуда може да биде доволно интересна за англискиот клуб.
Атлетико, според британските медиуми, е подготвен да понуди 30 милиони евра, како и 21-годишниот шпански играч за врска Пабло Бариос.